Skip to main content

Отворена е изложбата „Откривање и ритам“ на Мартин Џепароски во МКЦ

Во Изложбениот салон на Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје, на 2 октомври беше отворена самостојната изложба „Откривање и ритам“ на мултимедијалниот уметник Мартин Џепароски.

Изложбата претставува поетска видео-инсталација составена од две интерповрзани видеа – „Откривање“ и „Ритам“ – кои се надополнети со просторна инсталација. Делото е сензорно доживување што го вклучува просторот како активен елемент, во кој се спојуваат визуелната уметност, звукот и движењето.

Преку симболична нарација, динамичен ритам и визуелна естетика, Џепароски ги истражува темите на внатрешното будење, трагањето по сопствената суштина и универзалниот ритам на животот. Централниот елемент на изложбата – маслиновото дрво поставено во внатрешен простор – симболично поврзува природа и урбана реалност, материјалност и поетика.

Проектот е реализиран со поддршка од Министерството за култура и туризам на Република Македонија, во рамки на годишната програма за визуелни уметности, архитектура и дизајн за 2025 година.

Изложбата е отворена секој ден до 10 октомври и нуди ретка можност за интроспективно и мултисензорно уметничко доживување

Поврзани вести