
На 19 септември, на денот кога ќе се навршат 55 години од раѓањето на Игор Исаковски, во 20 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје ќе биде промовирана книгата што го собира севкупното поетско творештво на Исаковски– обемно издание од 700 страници што останува како траен книжевен паметник за еден од највозбудливите и најбескомпромисни гласови на современата македонска поезија.
Настанот ќе се одржи како неформална дружба во негова чест, место за сеќавање, споделување и препрочитување.
„Препрочитувањето на поезијата на Игор за мене беше еден долготраен, мачен, но истовремено просветлувачки процес, едно искуство што го менува човекот. Читањето на овој корпус стихови – мрачни, љубовни, еротски, сурови, бунтовни, смирувачки – беше длабоко медитативно соочување со она што за Игор значеше поезија: ‘чувствено продирање низ суштината’“, сведочи Елизабета Баковска.
Критичарката Елизабета Шелева додава дека секогаш е тешко кога за исклучителен поет и близок човек одеднаш мора да се говори во минато време: „Премногу живот, премногу стихови, премногу музики останаа несподелени. Но токму затоа оваа книга е и завет – сведоштво за силата на неговото творештво и за неговото место во нашата литература.“
Книгата претставува не само кулминација на едно творечко дело, туку и жива покана повторно да се открива поезијата на Игор – таму каде што тој ја гледаше: во животот, во љубовта, во смртта и во самиот чин на пишувањето.
Игор Исаковски (Скопје, 19 септември 1970 – Скопје, 15 декември 2014) е македонски поет, прозаист, преведувач, уредник. Работел како радио и ТВ водител, бил основач и директор на културната установа „Блесок“, а работел и како главен и одговорен уредник и веб-мастерот на истоименото списание. Исто така бил уредник на списанието на Независните писатели на Македонија, „Наше писмо“. Дипломирал на катедрата за Општа и компаративна книжевност во Скопје, а магистрирал на Средноевропскиот универзитет во Будимпешта (Родови и културолошки студии).
Исаковски преведувал поезија, проза и есеи, од (и на) македонски, англиски, словенечки, српско-хрватски-босански-црногорски. Објавувал во многу домашни и странски списанија. Делата му се објавени на англиски, холандски, романски, словенечки, хрватски, српски, бугарски, црногорски, босански, чешки, унгарски, полски, словачки, корејски, хебрејски и турски.