
На годинашниот Саем на книга што ќе се одржи од 8 до 14 мај во арената „Борис Трајковски“, издавачката куќа „Антолог“ под слоганот „Книги без граници“ најавува богата програма, ексклузивни саемски попусти, огромен број новитети и гостување на еден од најистакнатите автори и јавни интелектуалци од регионот – Миодраг Мајиќ.
Познатиот белградски судија, правен експерт и писател, Мајиќ ќе биде специјален гостин на штандот на „Антолог“ на 9 мај (петок) во 17 часот. Авторот на романите „Деца на злото“, „Островот на пеликаните“, „Рудникот“ и „Под туѓо сонце“ ја користи книжевноста како моќна алатка за општествена критика и промена, истовремено привлекувајќи илјадници читатели низ целиот регион.
Во текот на настанот, посетителите ќе имате можност да го сретнат авторот, да се фотографираат со него и да добијат потпис на неговите книги, вклучувајќи ја и новата „Под туѓо сонце“. Читателите ќе имаат можност да уживаат во разговор со српскиот писател и да го слушнат неговиот поглед на литературата што ја создава.
Миодраг Мајиќ (1969) е српски писател и судија во Апелациониот суд во Белград. Докторирал кривично право, а специјализирал меѓународно кривично право. Објавил голем број правни текстови и учествувал во изработката на значајни закони од кривичното право. Со години неговиот блог е една од најпосетуваните и најкоментираните интернет-локации, каде што отворено зборува за корупцијата, непотизмот и политичките притисоци во правосудството. За Мајиќ пишувањето не е само естетски израз – неговите книги се повик кон промена. Тој предизвикува размислување за системските неправди и ги инспирира читателите да ја преиспитаат реалноста во која живеат.
Меѓу 16 новитети кои влегуваат во продажба на првиот саемски ден се и: „Емпусион“, првиот роман на Олга Токарчук по добивањето на Нобеловата награда за литература, „Зад решетки“ од Јуси Адлер-Олсен, како и новите преводи на класиците „Баскервилскиот пес“ на Артур Конан Дојл, „Проклета авлија“ на Иво Андриќ, „Дервишот и смртта“ на Меша Селимовиќ, „Патот на зенот“ од Алан Вотс, „Ана Каренина“ од Л.Н. Толстој, итн.
Во рамки на Саемот, „Антолог“ ќе понуди и специјални саемски пакети со значително намалени цени, вклучувајќи ја Бастанската серија, книгите на Јуси Адлер Олсен, популарните наслови на Камила Лекберг и Хенрик Фексеус, како и Босанската трилогија од Иво Андриќ. Дополнително, посетителите ќе имаат можност да искористат понуда „плати 6 – земи 7 книги“, која важи исклучиво на Саемот.
Дополнително, започнува Bookfluencer Challenge – повик за најкреативна фотографија направена на или покрај штандот на „Антолог“. Победниците ќе добијат вредносни ваучери од 3000, 2000 и 1000 денари и ќе бидат дел од промотивната галерија на издавачот.