Skip to main content

Марко Виденовиќ и триото „Мевлем“ со ред поезија, ред музика ги разнежни присутните, измами по некоја солза, но секако освои громогласни аплаузи и извици од публиката која неколку пати ги врати на бис

Филхармонија/ Татјана Ранташа

Во Камерната сала на Филхармонија синоќа се распосла „Мевлем“ и ја маѓепса публиката.

Музичко –поетската вечер со Марко Виденовиќ и триото „Мевлем“ со ред поезија, ред музика ги разнежни присутните, измами по некоја солза, но секако освои громогласни аплаузи и извици од публиката која неколку пати ги врати на бис.

Проектот „Мевлем“ е уникатна симбиоза на музика и поезија, создадена од композиторот и поет Марко Виденовиќ, кој преку своите дела создава извонредна уметничка комуникација помеѓу звуците и зборовите. Проектот вклучува премиерни изведби на композиции кои се специјално создадени за оваа прилика, што го прави овој циклус клучен за промовирање на домашното музичко творештво, со фокус на македонскиот културен идентитет. Во фокусот на „Мевлем“ е музичката содржина, која е внимателно дизајнирана за да го рефлектира духовното и естетското наследство на македонската култура.

„Мевлем“ е составен од врвни музичари: Памела Велкова (виолина), Верица Ајтовска (виола), Енис Аљи (виолончело) и самиот автор Марко Виденовиќ (пијано и глас). Уметниците ја пренесоа креативната визија на проектот преку изведба на композиции и поетски рецитации, создавајќи уникатна уметничка атмосфера.

Виденовиќ, специјално за овој проект, компонира 15 оригинални композиции кои совршено ја надополнуваат неговата поезија, која публиката неуморно ја следи на социјалните мрежи.

Поврзани вести