
Овде во Софија, преку посветената работа на Македонскиот културно-информативен центар, започна ново и значајно поглавје во афирмацијата на македонскиот јазик, култура и идентитет – не само за македонската заедница во Бугарија, туку и во рамките на поширокиот европски културен простор, каде што различноста се слави како вредност, а јазикот се негува како носител на идентитет.
Македонскиот јазик веќе не е тивок. Тој сè повеќе се зборува, се чита, се чувствува. Станува глас кој се слуша со почит и разбирање. Македонците кои живеат овде, охрабрени и поддржани, веќе не се плашат да ја искажат својата припадност, да ги откријат своите корени, да ја кажат вистината. Гласно и јасно. Она што долго време беше потиснато, денес се враќа со нова сила. Се враќа достоинството, се враќа довербата, дека постои кој да ги чуе, да ги разбере и да ги заштити.
И токму затоа, учеството на Македонскиот културно-информативен центар во годинешното одбележување на Европскиот ден на јазиците беше од особено значење, не само како културен чин, туку и како симболичен, европски признат гест на јазичен и културен суверенитет. Настанот се одржа на 27-ми септември пред Народниот театар „Иван Вазов“ во Софија, како дел од програмата на EUNIC кластерот – мрежата на европски културни институти, во соработка со амбасадите, и конзулатите. Се одбележуваше не само Европскиот ден на јазиците, туку и Меѓународниот ден на преведувачите – денови кога Европа го слави своето јазично и културно богатство.
Овој настан беше јубилеен – 75-ти по ред реализиран настан од страна на Македонскиот културно-информативен центар во Софија до крајот на месец септември. До крајот на годината предвидуваме уште неколку значајни настани, со кои ќе продолжиме да го промовираме македонскиот јазик, култура и идентитет на достоинствен и автентичен начин. Оваа бројка сама по себе зборува за динамиката, посветеноста и амбицијата со која Македонскиот културно-информативен центар во Софија ја врши својата мисија.
Македонскиот штанд, поставен пред Народниот театар „Иван Вазов“, прерасна во жив простор на македонскиот јазик. Посетителите имаа можност да читаат стихови од македонската литература, особено извадоци од „Сердарот“ на Григор Прличев- македонскиот Хомер, чии зборови, прочитани на глас, силно одѕвонуваа помеѓу ѕидовите на градот. Ова не беше обично читање, ова беше јазична и културна манифестација на идентитет, историја и емоција.
За секој посетител што прочита неколку страници на македонски јазик- следуваше подарок: книга на македонски. Промотивни материјали, брошури, каталози, литературни изданија и културна понуда внимателно подготвена од Македонскиот културно-информативен центар беа достапни за сите љубопитни и заинтересирани. На македонски јазик се зборуваше, но и се мислеше. И тоа беше поентата, оти јазикот не е само средство, туку и вредност, душа и идентитет.
Овој настан, на кој го прославивме и 20-годишното постоење на Македонскиот културно-информативен центар во Софија, не е само одбележување на годишнина. Тој е доказ дека македонската култура, литература и јазик имаат своја сила и иднина. Преку културна дипломатија, градиме мостови на разбирање, но и ги зацврстуваме темелите на нашето јазично и национално постоење. Да се биде дел од EUNIC не е само членство – тоа е одговорност. Право и чест да се застапува својот јазик во едно мултикултурно, европско семејство кое се гради на почит, еднаквост и дијалог. И во тој дијалог, македонскиот јазик сега има глас. Глас што се слуша.
Денес, за Македонија се зборува со почит, со пиетет, со респект. И тоа не е случајно. Затоа што Македонија, конечно, стои цврсто зад своите национални интереси, својот народ, својата култура, и својот јазик.
И затоа сме тука. Да сведочиме, да го чуваме, да го пренесеме, оти македонскиот јазик постоел, постои и ќе постои.