Skip to main content

Љутков: Руралниот и планинскиот туризам во стратегијата ќе бидат двигатели на локалниот економски развој

Нашата визија е руралниот и планинскиот туризам да станат двигатели на локалниот економски развој преку отворање нови работни места. Тоа не само што ќе го зголеми бројот на туристи, туку ќе го подобри и животот на локалните жители, рече министерот за култура и туризам Зоран Љутков информирајќи за подготовката на националната стратегија за туризам која, рече, нема да биде само документ во фиока туку ќе има целосна реализација.  

Одговарајќи на прашање на пратеничката Лидија Петковска од ВМРО-ДПМНЕ на собраниската седница, Љутков истакна дека руралниот и планинскиот туризам не се дополнителна, туку важна компонента во идниот туристички идентитет на Македонија. Посочи дека досега тие биле најмалку опфатени и смета дека се најперспективен сегмент од туризмот и затоа со стратегијата ќе се дефинираат клучните приоритети.

Како што рече, се планира унапредување на инфраструктурата, изградба на пристапни патишта, сигнализација, туристички патеки, видиковци, дигитална поврзаност со локалитети итн. Исто така, ќе се поддржуваат локалните заедници и малите семејни бизниси, ќе се подобрува и системот за управување со дестинации, односно координацијата.  

За подготовката на новата стратегија за туризам министерот рече дека се работи на добар методолошки план со вклученост на осумте плански региони за да се мапираат сите потенцијали за туризам, по што ќе се организираат јавни расправи и конференции.

Љутков посочи и дека клучни елементи на стратегијата ќе бидат туристичката побарувачка и нови мерливи индикатори, усогласено со стандардите на Светската туристичка организација и Европската Унија.

Поврзани вести