![](https://republika.mk/wp-content/uploads/2025/02/93e03ec6-799d-4a98-aeee-6f068fa7109e-1024x683.jpeg)
Најголемата светска манифестација во доменот на архитектурата –Биеналето на архитектурата во Венеција – претставува глобална платформа на архитектонски концепти. Несомнено, ова е најважниот архитектонски настан во светот. Годинава, Венеција по 19-ти пат во периодот од 10 мај до 23 ноември ќе биде местото каде што на тема „Интелигенција. Природна. Вештачка. Колективна.“ архитектите на новото време ќе ги презентираат своите современи остварувања, рече денеска министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
![](https://republika.mk/wp-content/uploads/2025/02/efa1c076-dbf9-44d4-89a6-37ac3836ab2e-1024x683.jpeg)
За мене, како министер за култура и туризам, е особено значајно позиционирањето на нашата земја на меѓународната сцена. Токму затоа со гордост ќе соопштам дека македонскиот национален павилјон на годинашното Биенале на архитектурата во Венеција, по 7 години, повторно ќе биде сместен во еден од најпрестижните и најзначајни изложбени простори – Арсенале. Ова е исклучително битен момент за сите нас бидејќи покрај Џардини, Арсенале е епицентар на Биеналето! Оваа, 2025 година, покрај земјата домаќин, Република Италија, таа чест ја имаат само дваесетина држави од светот.
Морам да истакнам дека нашето враќање во Арсенале, беше првото нешто на кое се посветивме и на задоволство на сите, успеавме да го реализираме.
А сега, дозволете да соопштам дека во Арсенале, во согласност со одлуката на стручната комисија, проектот „Страда бруталисима“ на авторите д-р Благоја Бајковски, д-р Ана Рафаиловска, м-р Невенка Манчева Аџиевска, м-р Марија Антиќ Николовска, во организација на Националната галерија на Македонија, ќе ја претставува Македонија на 19-тата Меѓународна изложба на архитектурата во Венеција. Комесари на изложбата се Фросина Зафировска и Маја Неделковска Брзанова. За одлуката на комисијата и за самиот проект подетално ќе ве информираат присутните.
Искрени честитки до авторите на проектот „Страда бруталисима“, до комесарите и до сите соработници на овој проект. Уверен сум дека достојно ќе биде претставена Република Македонија, со што ќе дадеме свој придонес кон размената на нови искуства, идеи и енергија на полето на архитектурата.