
Софија– Салата на Националниот дворец на културата во Софија исполнет до последното место, а над 3.000 гледачи со извици „браво“ и стоечки аплауз ја поздрави грандиозната изведба на сценската кантата „Кармина Бурана“ од Карл Орф, под диригентската палка на маестро Најден Тодоров.

Со колегите од Грција и од Македонија одлучивме да започнеме нешто ново и да им кажеме на сите луѓе дека кога сме заедно можеме да направиме чуда, порача од сцената маестро Најден Тодоров во своето обраќање до публиката која на нозе со долг аплауз ги испрати уметниците од сцената.
На сцената на НДК вечерва имаше над 250 уметници од Македонската филхармонија, Софиската филхармонија, Државниот симфониски оркестар – Солун и Бугарскиот национален филхармониски хор заедно со сопранот Ана Дурловски (Р. Македонија), тенорот Николас Спанос (Р. Грција) и баритонот Иво Јорданов (Р. Бугарија) кои се соединија со звукот на моќното, величествено музичко-сценско дело со кое пренесоа силна порака за културно обединување и славење на љубовта и уметноста низ три различни култури.

Чувството е прекрасно, ние сме како големо семејство на сцената и секогаш е така кога се работи на вакви проекти, рече пред настапот Николас Спанос, тенорот од Грција.

Изведбата на едно од најпознатите дела на 20. век, ја претстави платформа за меѓусебно разбирање и патување низ еден прекрасен музички јазик кој зборува за љубовта, радоста, судбината.