
Градот Кичево денеска го доби признанието Град на културата за 2026 година со што свечено беше отворена манифестацијата.
Министерот за култура Зоран Љутков истакна дека ова е признание за една културна зрелост и творечка енергија што Кичево како град ја носи децении. За годинава најави бројни културни настани во Кичево.
Оваа година треба да ја искористиме како можност за отворање на нови партнерства, нови институции кон младите, за креирање културни содржини кои ќе остават трајни вредности. Културата е испиративна творечка сила што поврзува и гради пат кон иднината и нека оваа 2026 година биде доказ дека Кичево знае, умее и може да биде пример како се негува и развива културниот дух, посочи Љутков.
Министерот додаде и дека ќе присуствува на голем дел од културните настани.
Градоначалникот на Општина Кичево, Александар Јовановски рече дека ова е историски миг за нивниот град.
Ова признание е титула, чест, но и одговорност. Признанието за нашето богато културно наследство, за традицијата што со векови се пренесува од генерација на генерација. Кичево отсекогаш било раскрсница на култури, јазици, традиции, град во кој различностите не не’ разделуваат туку не збогатуваат, град во кој песната, играта, театарот, литературата и уметноста се дел од секојдневнието, изјави Јовановски.
Тој дополни дека културата не е трошок, тоа е инвестиција во иднината на нашите деца, во заедништвото, идентитетот.
Кичево во текот на 2026 година ќе биде сцена на бројни фестивали, изложби, театарски претстави, литературни вечери, културни настани.

Македонски



