Skip to main content

Камерниот оркестар Профундис и Ема Попивода со ексклузивен перформанс на отворањето на „Мјуз-Екс Експо фестивал“ во Тирана

Камерниот оркестар Профундис ќе настапи на свеченото отворање на интернационалниот „Мјуз-Екс Експо фестивал“ (“Muse-X Expo Festival”), кој од 17 до 19 април ќе се одржи во Тирана, Албанија. Настапот ќе биде реализиран заедно со истакнатата македонска пијанистка Ема Попивода и ќе претставува централен уметнички момент на отворањето на фестивалот.

На 17 април, публиката ќе има можност да проследи 40-минутен сценско-визуелен перформанс кој ги обединува класичната музика, современиот сценски израз и визуелните елементи. Камерниот оркестар Профундис ќе настапи во соработка со оркестарот на РТШ, претставувајќи современ уметнички концепт кој ја нагласува креативната енергија на македонската музичка сцена.

За нас претставува особена чест што токму Профундис ќе биде дел од свеченото отворање на еден ваков интернационален фестивал. Овој настап е можност да ја претставиме современата македонска музичка сцена пред меѓународна публика и да покажеме дека камерната музика може да биде дел од современи мултимедијални концепти,“ изјави маестра Ѓурѓица Дашиќ, уметнички директор и диригент на Профундис.

„Соработката со Ема Попивода и сценско-визуелниот концепт на проектот отвораат нов простор за креативен израз. Ваквите настапи се значајни не само за афирмација на оркестарот, туку и за позиционирање на македонските уметници на меѓународната сцена,“ додаде Дашиќ.

Ема Попивода

„Мјуз-Екс Експо фестивал“ претставува интернационална платформа која обединува музика, визуелни уметности, креативни индустрии и културни професионалци од повеќе земји. Фестивалот се одржува на мултифункционална сцена во просторот на Пирамидата во Тирана и вклучува концертна програма, конференции, експо-презентации и професионални средби, со што создава можности за културна размена и нови меѓународни соработки.

Камерниот оркестар Профундис

Настапот на Камерниот оркестар Профундис на отворањето претставува значајно меѓународно претставување на македонската музичка уметност и уште една потврда за нивното активно присуство на регионалната и европската сцена.

Поврзани вести