
Првиот заменик претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, денеска оствари работна средба со амбасадорот на Обединетото Кралство, Метју Лосон, при што е потврдена силната партнерска соработка и континуираната поддршка меѓу двете земји, информира Министерството за европски прашања.
На средбата е истакнато дека Обединетото Кралство претставува важен стратешки партнер и поддржувач на државава, особено во процесите на реформи, зајакнување на демократските институции, економскиот развој, безбедноста и институционалната трансформација.
– Министерот Сали нагласи дека Владата останува целосно посветена на спроведувањето на Реформската агенда 2024–2027 и Планот за раст за Западен Балкан, како клучни механизми за модернизација на државата, подобрување на јавните услуги и забрзување на конвергенцијата со Европската Унија. Во рамки на дискусијата беше потенцирана важноста од добро владеење, институционална координација, дигитализација, сајбер безбедност, борба против дезинформации, како и развој на политики засновани на резултати и институционална отчетност, се вели во соопштението.
Соговорниците разговарале и за можностите за продлабочување на економската соработка, инвестициите, инфраструктурните проекти, иновациите и зелената и дигиталната трансформација.
Министерот Сали ја оценил како особено значајна континуираната поддршка од Обединетото Кралство за демократските процеси, институционалното зајакнување и долгорочниот развој на државата, нагласувајќи дека партнерството меѓу двете земји останува засновано на заеднички демократски вредности, владеење на правото и регионална стабилност.

Македонски




