Skip to main content

Македонски уметници го отвораат интернационалниот фестивал „ Muse-X“ денеска во Тирана

Камерниот оркестар Профундис ќе настапи на свеченото отворање на интернационалниот „Мјуз-Екс Експо фестивал“ (“Muse-X Expo Festival”), кој од 17 до 19 април ќе се одржи во Тирана, Албанија.

Настапот ќе биде реализиран заедно со истакнатата македонска пијанистка Ема Попивода и ќе претставува централен уметнички момент на отворањето на фестивалот.

Публиката ќе има можност да проследи 40-минутен сценско-визуелен перформанс кој ги обединува класичната музика, современиот сценски израз и визуелните елементи. Камерниот оркестар Профундис ќе настапи во соработка со оркестарот на Државната албанска радио телевизија, претставувајќи современ уметнички концепт кој ја нагласува креативната енергија на македонската музичка сцена.

Камерниот оркестар Профундис

За нас претставува особена чест што токму Профундис ќе биде дел од свеченото отворање на еден ваков интернационален фестивал. Овој настап е можност да ја претставиме современата македонска музичка сцена пред меѓународна публика и да покажеме дека камерната музика може да биде дел од современи мултимедијални концепти, изјави маестра Ѓурѓица Дашиќ, уметнички директор и диригент на Профундис.

Додава дека соработката со Ема Попивода и сценско-визуелниот концепт на проектот отвораат нов простор за креативен израз и нагласува дека ваквите настапи се значајни не само за афирмација на оркестарот, туку и за позиционирање на македонските уметници на меѓународната сцена.

Ема Попивода

„Мјуз-Екс Експо фестивал“ претставува интернационална платформа која обединува музика, визуелни уметности, креативни индустрии и културни професионалци од повеќе земји.

Фестивалот се одржува на мултифункционална сцена во просторот на познатиот објект Пирамида во Тирана и вклучува концертна програма, конференции, експо-презентации и професионални средби, со што создава можности за културна размена и нови меѓународни соработки.

Поврзани вести