Вечерва, во Младинскиот Културен Центар во Скопје, со почеток во 19:00 часот, ќе биде отворена изложбата на фотографии и ќе биде промовирана фотографската книга „Треперење“ од Боро Рудиќ.
Преку оваа изложба и фотомонографија, авторот истражува можност за редефинирање на перцепцијата на естетиката во однос на традиционалните норми. Природата е најчестиот мотив во фотографијата, често окована со одредени правила и табуа кои ја обликуваат нашата визуелна перцепција. Што се случува со нашата перцепција како набљудувачи (или фотографи) кога излегуваме надвор од зоната на удобност и ја гледаме природата на сосема поинаков начин? Оваа изложба има за цел да ги предизвика воспоставените визуелни концепти, поттикнувајќи ги гледачите да ја преиспитаат и да го реинтерпретираат она што го сметаат за естетско во природниот свет.
Изложбата тежи кон ослободување од стандардните канони на убавина, овозможувајќи нов поглед на природата преку иновативни и неконвенционални техники на фотографирање. Преку овој проект, авторот се надева дека ќе се отвори дијалог за флексибилноста на естетските норми и ќе се поттикне креативно размислување надвор од традиционалните рамки.