
Во весела и топла атмосфера, исполнета со детски џагор и насмевки, на 27 април, во рамките на Саемот на книгата, на штандот на „Арс Ламина“, беа промовирани трите најнови сликовници од наградуваната едиција „Големи зборови за мали уши“, во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Станува збор за книгите „Бонтон“ од Ванчо Полазаревски (илустрации: Александра Филипоска), „Емпатија“ од Биљана Стојановска (илустрации: Орце Нинески) и „Иницијатива“, авторско дело на младата Рената Јосифовска.
Промоцијата се одржа во присуство на бројни деца и нивните родители, а за книгите зборуваше уредничката на едицијата, Оливера Ќорвезироска, која истакна дека „Големи зборови за мали уши“ претставува уникатен издавачки проект што на едноставен и креативен начин им ги доближува сложените поими на најмладите читатели.
Едицијата неодамна го освои второто место за најдобра едиција меѓу два саема – признание што го доделува Македонската асоцијација на издавачи (МАИ), што дополнително ја потврдува нејзината вредност и значење во современото издаваштво за деца.
Покрај најновите три изданија, едицијата опфаќа вкупно десет сликовници, меѓу кои се: „Градоначалник“ од Илина Мангова (илустр. Александар Сотировски), „Идентитет“ од Калина Малеска (илустр. Рената Јосифовска), „Непотизам“ од Иван Дричко (илустр. Здравко Гиров), „Предрасуди“ од Владимир Мартиновски (илустр. Јована Ристоска), „Традиција“ од Елизабета Баковска (илустр. Александра Филипоска), „Дипломатија“ од Горица Атанасова-Ѓоревска (илустр. Здравко Гиров) и „Екологија“ од Фросина Пармаковска (илустр. Александар Сотировски).
Целта на едицијата е преку кратки, топли и разбирливи приказни од секојдневието да им помогне на децата полесно да ги разберат „големите“, на прв поглед сложени зборови што често ги слушаат од возрасните. Со тоа, книгите не само што го збогатуваат нивниот речник, туку и ги подготвуваат за светот што ги очекува. Проектот започна во 2024 година со објавувањето на „Градоначалник“ од Илина Мангова, а денес прераснува во препознатлива и наградувана едиција.
замислила.“

Македонски


