Престижната француската издавачка куќа „Галимар“ денеска го објави своето издание на збирката раскази „Не одам никаде“ (Je ne bouge pas d’ici) од писателката и универзитетска професорка Румена Бужаровска, во превод на Марија Бежановска, информираат од Издавачки центар ТРИ.
„Француското издание на ‘Не одам никаде’ од Бужаровска следува откако претходно ‘Галимар’ ја издаде и ‘Мојот маж’, додавајќи го своето издание на листата од петнаесет преводи на збирката што оствари и шест театарски продукции во земјава и странство“, посочуваат од ТРИ.
Основана во 1911, а од 1919 година позната под името „Библиотека Галимард“, француската издавачка куќа е една од највлијателните издавачки куќи на дваесеттиот век, кога објавувала дела на Марсел Пруст, Жан Пол Сартр, Албер Ками…
„Задржувајќи го своето реноме и денес, ‘Галимар’ е издавач кој преку своите внимателно избрани изданија ги запознава француските читатели со писатели добитници на Нобеловата награда за книжевност и со современи гласови кои автентично го пренесуваат духот на времето.“
Од ТРИ дополнуваат дека „Не одам никаде“, по изданијата во САД, Турција, Унгарија, Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина и Франција, во март ќе добие и шпански превод во издание на „Импедимента“, додека, пак, „Мојот маж“ го очекува и својот бразилски превод во издание на „Тодавиа“.