Skip to main content

Борис Петковски беше еден од оние творци и дејци што му дадоа свој белег на македонскиот XX век

На денешен ден почина проф. Борис Петковски, основач и прв директор на Музеј на современата уметност во Скопје. Под негово раководство, Музејот на современа уметност се здобил со богата колекција експонати од огромна важност (меѓу кои и дело на Пабло Пикасо, била изградена новата музејска зграда, а реализирани биле и над 250 меѓународни изложби).

Роден е на 19 ноември 1931 година во Бајмок, Србија. Дипломирал историја на уметноста на Филозофскиот факултет во Скопје (1956), докторирал на Филозофскиот факултет во Белград (1975) на тема „Творештвото на Никола Мартиноски 1903 – 1973 година“.

Од 1964 до 1976 бил прв директор на Музеј на современата уметност во Скопје. Имал суштинско влијание во развојот на ликовната критика, науката и теоријата за современата уметност во Македонија и во афирмацијата на македонската ликовна уметност и култура во светот.

Деновите што следат сè повеќе ќе убедуваат дека Борис Петковски бил еден од оние творци и дејци што му дале свој белег на македонскиот XX век, творец-репер, деец- патоказ. Трагата што ја оставил зад себе е длабока и оддалеку видлива. Допрва претстои да се истражи и констатира зрачењето што се шири од неговото дело и сите правци на дејствување што ги предизвикувала неговата активност.

Како професор на Филозофскиот факултет, Петковски го пренел еланот од работата во Музејот. Тој создал бројни генерации на историчари на уметноста, кои од него биле подготвувани да ја разбираат и да ја сакаат модерната уметност. Тој им помагл да се откријат себеси, им укажувал како да ги искористат своите способности на најдобар можен начин. Благодарение на неговата педагошка дејност денес постојат цел круг млади луѓе кои одат по патот што тој им го покажал, користејќи ги неговите искуства и давајќи свој придонес кон проучувањето на модерното ликовно творештво во Македонија.

Особени заслуги Борис Петковски имал за афирмацијата на творештвото на македонските ликовни уметници надвор од границата на Македонија.

И како ликовен критичар, и како директор на Музејот, и како претседател на Комисијата за културни врски со странство, тој бил предаден на таа цел со многу ентузијазам – низ еден навистина импресивен број на изложби што ги подготвувал со своите соработници, со огромен број текстови наменети на странската публика, тој ги отворал вратите на Европа за нашите уметници, и тоа го правел не од протоколарни причини, туку од убеденост дека македонската ликовна уметност навистина заслужува да влезе во европскиот и светскиот список на вредности. Со авторитетот што го имал во меѓународните кругови, со угледот што го уживал, тој направил извонредно многу, навистина вредните дела на нашите уметници да го најдат патот кон нивното светско оценување и признавање.

Организирал изложби, предавања и курсеви – Биенале во Венеција, 1978; Париз, Рим, Неапол, Хале, Торино, Белград, Софија. Севкупното негово познавање на теоријата, историјата на уметноста и современата музеологија е вградено во формирањето и дејствувањето на Музејот на современата уметност во Скопје.

Објавил неколку стотини научни и стручни текстови, во реномирани научни списанија, како и 18 книги – студии, есеи и критики за македонската и светската уметност. Раководел и бил член во многубројни научно истражувачки проекти.

Од 1976 до 1996 Петковски се посветил на кариерата како универзитетски професор, а продолжил да се занимава со академски активности и по пензионирањето во 1996 година. Често гостувал како визитинг-професор на бројни европски универзитети.

Награди и признанија:

• Награда „13 Ноември“ од Општина Скопје (1977);

• Награда „11 Октомври“ (1983);

• Медал за работни заслуги со златна круна од СФРЈ (1989);

• Медал од Министерот за култура на Франција (1984);

• Златна плакета од Филозофскиот факултет во Скопје (1996);

Книги, монографии и други значајни изданија:

• „Откритија“, 1977;

• „Творештвото на Нико Този“

• „Современо македонско сликарство“, објавена на македонски јазик во 1982 година („Македонска ревија“ – Скопје) а во 1984 година на англиски јазик

• „Никола Мартиноски, 1982;

• „Македонски цртеж“, 1984/1985;

• „Македонското монументално сликарство на теми од НОВ и револуцијата“ (Македонска книга – Скопје и Филозофски факултет – Скопје, Скопје 1984)

• „За македонската уметност“, 1989;

• „Монографија за ликовното творештво на Димче Коцо“ (Македонска книга, Скопје, 1995)

• „Монографија за Василије Поповиќ – Цицо“ (Македонска книга, Скопје, 1996)

• „Музеј на современа уметност – Скопје, 1964 – 1976“, 2001

• „Архитектурата и монументалната уметност во Скопје меѓу двете светски војни“ (соавтор со академик Крум Томовски) (Музеј на Град Скопје, Скопје, 2003).

• „Студии за современата македонска уметност“ (Македонска цивилизација, Скопје, 2001)

Починал во Скопје на 30 јануари 2005 година.

Поврзани вести