
Обвинителскиот тим кој постапува во предметот во врска со пожарот во кочанскиот клуб “Пулс” интензивно презема итни дејствија кои не трпат одлагање и кои во моментов опфаќаат сослушувања и координација на вештачења неопходни за обезбедување докази за кривичната постапка.
Дополнително, во моментов се прибавуваат сите контактни и адресни податоци за оштетените од настанот и семејствата на настраданите, како и за нивните полномошници во постапката.
Во зависност од здравствената состојба на повредените и останатите услови, според однапред утврдена динамика и распоред, обвинителството навремено ќе ги извести сите засегнати лица за остварување на нивните права и за вклучување во постапката со нивно испитување.
Процесот на испитување на оштетените се предвидува да започне од почетокот на мај, за што ќе следи дополнително известување, имајќи го предвид големиот број оштетени и засегнати лица кои ќе бидат испитани.