![](https://republika.mk/wp-content/uploads/2025/02/kumot-goce-trajkovski-aleksandar-gjorchevski-1024x694.jpg)
Во Кривичниот суд во Скопје денеска продолжува судењето за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
На ова рочиште конечно се очекува да сведочи Гоце Трајковски, кој заедно со таткото на убиеното девојче Александар Ѓорчевски, според досегашните искази на другите сведоци, прибирал и гледа видео снимки од околните објекти на зградата. Тој и неговата мајка Кираца Трајковска, со кои семејството Ѓорчевски е во старо кумство, според нивните кажувања, биле првите кои го поврзале „цитроенот“ на Жежовски со грабнувањето на Вања.
Неговото сведочење веројатно најмногу ќе влијае за обвинетиот Ѓорчевски и неговата улога во целиот случај.
На првото рочиште на кое требаше да сведочи, Трајковски не се појави со изговор дека е во лоша психичка состојба, за подоцна да биде недостапен на органите на прогон за друго кривично дело. Откако неодамна сам се пријавил во полициска станица, тој е задржан во притворот во Шутка и за денес се очекува конечно да сведочи.
На претходното рочиште од страна на Обвинителството беа изведувани видео записи од безбедносни камери. Обвинителство презентираше видео записи од системот Сејф сити, за кои рече дека се обезбедени со пребарување по регистарски таблички на возилата „цитроен и „рено кангу“ за нивното движење низ Скопје на критичниот ден на 27 ноември 2023 година и неколку дена пред да биде грабнато девејчето.
Покрај сведочењето на семејствата на Вања и Панче, познаниците на Палчо и службените лица, досега во овој процес обвинителката Жаклина Трајковска во кратка содржина пред Судот образложи 180 од вкупно 197 докази, кои се однесуваат на локациите каде биле најдени жртвите, наодите од увидите на истражните органи, најдените траги, обдукциските наоди, како и извештаи од психијатриските вештачења.
Како што посочи обвинителката, жртвите биле усмртени со истрел во главата од непосредна близина, со ист калибар на куршум од 9 милиметри, посочувајќи дека обдукцијата покажала дека Вања не била задушена, односно и двете жртви биле живи во моментот на егзекуцијата. Според ДНК анализата од самолепливата лента која била на устата на Вања, пронајдени се мешани траги од девојчето, како и, најверојатно траги од обвинетиот Велибор Манев.
На првото одржано рочиште обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат виновни.
Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.