
Ѓаволот, или Љупчо Пецов, по речиси две години бегство од органите на прогонот за случајот „Синџир“, повторно се најде во фокус на интересот на јавноста, откако во текот на вчерашниот ден во Основниот кривичен суд Скопје пред судија на претходна постапка тој беше спроведен, па со решение на судот, му е определена мерка притвор,
Пецов сам им се предал на надлежните и наместо во затворски притвор, со одлука на Кривичниот суд Скопје тој е испратен во куќен притвор со 24-часовен полициски надзор, откако Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ја ублажи првичната мерка, повикувајќи се на влошена здравствена состојба и ризици по неговата лична безбедност.
Обвинителството тврди дека Пецов доставил медицинска документација за сериозни здравствени проблеми и доброволно ги предал двете патни исправи, а обвинителот дополнително оценил дека во притвор не може да се гарантира неговата безбедност. Судија на претходна постапка го прифатил предлогот за куќен притвор, кој вклучува и постојан надзор, со што мерката затворски притвор – важечка уште од моментот на негово пронаоѓање, се заменува со поблага, домашен притвор.
Инаку случајот „Синџир“, е отворен кон крајот на 2023 година како класичен пример за организиран финансиски криминал. Обвинителството тврди дека 26 лица и 28 компании создале шема за даночно затајување преку фиктивни ДДВ-фактури за набавки и услуги кои реално не постоеле, со што државниот буџет бил оштетен за околу осум милиони евра. Според приговорите и обвинителните акти, Љупчо Пецов е еден од организаторите на групата, а неговата фирма „Алма-комерц Ангел Пецов“ ДООЕЛ се посочува како клучен генератор на лажни фактури со кои се намалувал даночниот долг на поврзани компании.
Дел од обвинетите во „Синџир“ склучија спогодби со Обвинителството и добија затворски и парични казни, но постапката за Пецов беше прекината, бидејќи со месеци беше недостапен за органите на прогонот и за него беше распишана потерница. Додека се барал со потерница дел од медиумите објавуваа дека тој слободно се движи низ земјава, додека фирми поврзани со него добиваат државни тендери
Но „Синџир“ не е првиот случај во кој Ѓаволот дојде во судир со правосудниот систем. Неговото име се појавува уште во акцијата „Керозин“, во која обвинителството тврдеше дека преку фирмите „Алма“, „Ангел Петрол“ и „Алма транспорт“ се точело помало количество нафта за греење од она предвидено во договорите за јавни набавки за училишта и јавни институции. Тогашната штета за буџетот беше проценета на речиси три милиони евра.
На нафтените малверзации на Пецов му се додаде уште еден случај со последната истрага за фирмата „Тритерол“. Имено финансиската полиција, пронашла 19 фалсификувани банкарски гаранции што компанијата ги користела за да учествува и да добива тендери во 12 јавни и државни институции, остварувајќи незаконски профит од околу еден милион евра. „Тритерол“ е фирма во сопственост на Пецов, а новите сомнежи доаѓаат во момент кога тој веќе е осомничен за даночни кривични дела во „Синџир“ и формално се води како лице во бегство.
Серијата скандали го доживеа врвот со последната афера за наводниот поткуп на екс-државниот правобранител Фехми Стафа. Според Обвинителството, Стафа, кој во меѓувреме станал адвокат на Пецов, е осомничен дека примил 50.000 евра од сестрата на Ѓаволот за да влијае врз судија во Апелациониот суд Скопје и да издејствува укинување на притворот во „Синџир“. Апелација, сепак, јавно соопшти дека жалбата на Пецов за укинување на притворот била одбиена уште на 2 декември, пред апсењето на Стафа, со што формално се дистанцираше од евентуално влијание на поткупот врз донесената одлука.
Додека за некои тој е човек со „дебело полициско и судско досие“ и бизнисмен кој години наназад добивал значајни државни тендери за нафта, против Пецов во моментов формално се водат постапки за даночни и финансиски злоупотреби, а не за други потешки кривични дела.

Македонски






