Skip to main content

Одлуката на Уставниот суд може да доведе до поскапување на топлинската енергија

Ја дознавме Одлуката на Уставниот суд од медиумите, се уште немаме добиено официјално известување. Вообичаено одлуки на Уставен суд не се коментираат, но оваа Одлука значи дека апсолутно сега се либерализира постапката за исклучување на потрошувачите од системот за топлинска енергија. Тоа може да доведе до зголемен број исклучени потрошувачи, што, пак, ќе влијае негативно на цената за топлинска енергија, односно ќе доведе до нејзино зголемување, рече денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимовски.

Според него, зголемениот број потрошувачи кои би се грееле на струја, ќе го оптоварат особено дистрибутивниот систем во Скопје кој е проектиран со трафостаници и мрежа со послаб капацитет таму каде што има организиран систем за топлинска енергија.

-Особено се плашам дека ако тие потрошувачи кои би се исклучиле и би почнале да се греат на струја, ќе го оптоварат особено дистрибутивниот систем во Скопје. Ние како РКЕ ќе ја почитуваме одлуката на Уставниот суд, но кажувам што ќе значи тоа во пракса – можност за полесно исклучување, намалување на бројот на потрошувачи на топлинска енергија, што може да доведе до зголемување на цената за парно и да имаме домаќинства кои повеќе ќе се греат на електрична енергија, истакна Бислимовски.

Во врска со снемувањето струја минатиот викенд во речиси цела Македонија, МЕПСО, нагласи Бислимовски, до денес треба да испрати целосна информација што се случило. Тој оцени и дека извештајот од Шпанија и Португалија за испадот со електрична енергија ќе биде добро искуство за сите останати преносни систем-оператори во Европа.

-Има зголемено производство на електрична енергија и сите преносни систем-оператори во координација со нивното европско здружение преземаат мерки за да не доаѓа до „блек аут“. Тие мерки во текот на денот добро функционираат. Некаде за Велигден дел од фотоволтаичните електрани по налог на МЕПСО беа исклучени и во тој дел не очекувам да има проблеми. Никогаш не може со сигирност да се каже, но сите механизми што му стојат на располагање на МЕПСО и во координација со соседните системоператори се преземаат соодветни мерки. Во неделата се случи испад во периоди кога не произведуваат фотоволтаичните електрани. МЕПСО до денес ќе ни испрати целосна информација што се случило, рече претседателот на РКЕ.

Според него, повисоките напони се регулираат и со системските резерви.

-МЕПСО во наредниот период ќе распише тендер за поставување поголема кондензаторска батерија во Неготино и тој проблем ќе биде надминат во наредниот период. Во критични режими на работа, операторот на електропреносниот систем секаде во Европа, па и во Македонија, има обврска да преземе мерки за да го задржи целокупниот систем стабилен, подвлече Бислимовски.

Тој дополни и дека со новиот Закон за енергетика се овозможува поставување батериски системи.

-Верувам дека тоа во наредниот период ќе се случи зашто има голем број сопственици на фотоволтаични електрани кои се заинтересирани за поставување батериски системи. Тие ќе имаат право да постават батериски системи со моќност колку моќноста на фотоволтаичните електрани. Обврска ќе биде кај сите фотоволтаични електрани и таму каде што има батериски системи, да се постават уреди за далечинско управување на системите. Се разгледува можмноста дел од капацитетот на батериите да биде даден на МЕПСО за системски услуги, односно за балансирање, за соодветен пазарен надомест, информира Бислимовски според кој, МЕПСО во моментов има системски резрви од ЕСМ, а во некои периоди од денот или годината, како што рече, тие услуги ги дава и ТЕ-ТО. 

Поврзани вести