Skip to main content

Николоски: Подготовките за брзата пруга на Коридорот 10 се одвиваат според планот, градежните работи треба да почнат до крајот на годината

Подготовките за изградба на брзата железничка пруга на Коридорот 10 се одвиваат согласно предвидената динамика, а почетокот на градежните работи и натаму е планиран за крајот на годинава, изјави денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Тој информира дека е завршена изработката на студијата за влијание врз животната средина и на студијата за влијание врз социјалната средина, а во текот на август ќе следуваат јавни презентации на документите во четири градови.

„На почетокот на август ќе се одржат најмалку четири јавни презентации – во Скопје, Велес, Демир Капија и Гевгелија, каде што локалното население ќе може да се запознае со проектот. Станува збор за обемен документ од речиси 1.600 страници кој ги опфаќа сите релевантни аспекти. По презентациите ќе бидат разгледани и вклучени забелешките од јавноста, а согласно договорот, целиот процес треба да заврши до 31 август“, рече Николоски.

По завршувањето на оваа фаза ќе следува подготовката на договорите за финансирање и за изведба на проектот.

„Сè се одвива според планот што го најавивме“, нагласи министерот, одговарајќи на новинарско прашање при посетата на општина Кисела Вода.

Во однос на финансиската конструкција на проектот, Николоски посочи дека деталите засега не можат да бидат објавени, бидејќи согласно законската процедура најпрво ќе бидат презентирани пред Собранието.

„Според домашните закони, условите за финансирање ќе бидат јавно презентирани во Собранието и дотогаш не можат да се споделуваат со јавноста“, изјави Николоски.

Поврзани вести