
Во време на континуирана геополитичка неизвесност и нестабилност на глобалните енергетски пазари, министрите потврдија дека енергетската безбедност, достапноста и отпорноста повеќе не се само национални приоритети, туку заеднички европски и регионални одговорности. Истакнаа дека ЈИ Европа треба да има поактивна улога во обликувањето на идната архитектура на европскиот енергетски систем преку подлабока соработка, посилни интерконекции и поголема интеграција на пазарите, пишува во заедничко соопштение на министрите за енергетика од Грција, Македонија, Бугарија и Србија по денешниот состанок, јави дописничката на МИА од Атина.
На првата квадрилатерална средба одржана денеска во Атина, министрите за енергетика разговараа за иднината на регионалната енергетска соработка и поврзаност во Југоисточна Европа.
Учесниците ја потврдија нивната заедничката амбиција да работат кон поинтегрирана, поотпорна и понапредна регионална енергетска рамка, усогласена со пошироките цели на европската енергетска унија. Тие се согласија дека Југоисточна Европа може и мора да стане столб на стабилност, соработка и стратешка поврзаност за поширокиот европски континент, пишува во заедничкото соопштение.

Министрите се осврнале и на „значителниот напредок постигнат во Европа во последните години во зајакнување на енергетската безбедност, диверзификација на рутите за снабдување и забрзување на енергетската транзиција“, но и нагласиле дека сè уште постојат важни предизвици, особено во гарантирањето дека сите европски региони „ќе имаат подеднаква корист од вистински интегрирана, поврзана и конкурентна енергетска унија“.
Во овој контекст, министрите ја истакнаа стратешката важност на регионалната соработка меѓу соседните земји како катализатор за унапредување на инфраструктурната поврзаност, интеграцијата на пазарот на електрична енергија и гас, флексибилноста на системите и безбедноста на снабдувањето. Тие ја поздравија поблиската координација меѓу операторите на преносните системи и ги охрабрија сите релевантни чинители да ги интензивираат напорите за отстранување на преостанатите бариери за прекугранична интеграција и за олеснување на инвестициите во клучната енергетска инфраструктура, пишува во соопштението.
Дополнително, министрите разговарале и за влијанието на ситуацијата на Блискиот Исток врз меѓународните енергетски пазари, при што ја истакнаа важноста на координирано дејствување за зајакнување на отпорноста кон прекини во снабдувањето и нестабилност на цените, а нагласија и дека подобрената регионална поврзаност придонесува „не само за енергетска безбедност, туку и за ценовна стабилност, конкурентност и успешна интеграција на обновливите извори на енергија“.

Состанокот, прв од ваков тип, се одржа претпладнево во Националниот музеј на современа уметност во Грција, на покана на грчкиот министер за енергетика и животна средина Ставрос Папаставру, со учество на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, министерката за енергетика на Србија Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, заменик-министерот за енергетика на Бугарија Кирил Темелков, заменик-министрите за енергетика на Грција и Србија, а присуствуваа и раководителите на надлежните оператори на системите за пренос на електрична енергија и природен гас од четирите земји.
По состанокот, што траеше околу два часа, министрите ја нагласија важноста и на самата средба, но и на регионалните енергетски проекти, а се согласија да се институционализира квадрилатералната министерска средба, што наизменично ќе се одржува во сите земји, а следниот состанок ќе се одржи во септември во Белград.
Министрите на четирите земји го посетија и терминалот за течен природен гас (ЛНГ) во Ревитуса во близина на Атина.

Македонски

