Skip to main content

Институциите да постапат за дивоградбите, никој нема да биде заштитен, порача Мицкоски

Ние водиме принципиелна политика, и тоа го препознаваат граѓаните. Никој нема да биде заштитен, кој и да е, што и да е, доколку сторил кривично дело. И тука нема дилема, изјави премиерот Христијан Мицкоски, прашан дали се постапува за случаите со дивоградбите. 

Мицкоски, во емисијата „Само интервју“, на телевизија Канал 5, нагласи дека се постапува не само во Чаир и дека МВР постапува или ќе постапува и во други општини врз основа на пријави.

-Прво, ние како држава не постапуваме во тие случаи, МВР може врз основа на пријава и барање на ОЈО да дејствува и тоа го прави. Кога добива од страна на ОЈО барање, пријава итн., тогаш постапува. Јас колку што знам не е само во Чаир. Колку што знам дека МВР постапи или ќе постапува и во други општини врз основа на пријави, вели премиерот.

Мицкоски истакна дека граѓаните добро ја препознаваат принципиелната политика на Владата и дека „ секој оној кој се огрешил пред законот нема да биде заштитен“.

-Ако го слушате ДУИ, тој ќе ви каже овие антиалбанциве, вмровците и сл. Ако ги слушате од опозиција, ќе речат дека правиме реминисценија на минатото. А суштината е дека нити едното, нити другото е точно. Ние водиме принципиелна политика, и тоа го препознаваат граѓаните. И никој нема да биде заштитен, и тоа сум го кажувал многу пати до сега. Кој и да е, што и да е, доколку сторил кривично дело. И тука нема дилема, рече Мицкоски.

Ако МВР или ОЈО констатира дека е сторено кривично дело, Мицкоски, нагласува дека ќе постапи и во Чаир и во други општини, посочувајќи дека „никому не должи ниту тој, ниту Владата“.

-Прво, Изет Меџити никогаш нема да се налути ако е свесен дека некој прави кривично дело, а ако тоа го направи, нема да биде никогаш мој соработник, а е соработник, што значи дека не само што нема да се налути, туку нашата цел како Влада, прва точка на спојување е борбата токму против тоа, против потенцијалната корупција. Секој којшто има различна амбиција не може да биде мој соработник, нагласи Мицкоски. 

Прашан дали се планира некоја нова легализација на дивоградбите, Мицкоски, рече дека во моментов немаат таков план. 

За тоа зошто одбива да зборува за градоначалничката Данела Арсовска и дали институците можеле порано да и дадат обезбедување, Мицкоски, вели дека се што имал да каже го кажал и дека е убеден оти бил во право за што времето ќе покаже.

-Апсолутно насилството, не само што не го оправдувам, туку и ме згрозува. Апсолутно немам дилема и нема да коментирам повеќе, изјави Мицкоски. 

Во однос на вработувањата во М-НАВ, Мицкоски вели дека „не може да се согласи дека тоа се партиски“. 

Поврзани вести