
Откако за седум години власт ја уништи македонската економија и младите ги остави без перспектива, сега СДС не ги поштедува дури ни нивните млади активисти, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на СДСМ.
Па така денес пушти некое младо момче од партиска говорница нешто да зборува, не земајќи во обѕир дека може да му ја уништи политичката кариера уште пред да му почне.
Младичот на кој СДС денес му даде задача да чита прес-конференција, очигледно не знае дека податоците на Фондот за ПИОМ се бројка што се менува на дневна основа и дека бројка важела во моментот на изготвувањето на извештајот и дека фондот не прави анализи за причините поради кои има движење на бројот на активни осигуреници кои се во работен однос или го прекинале работниот однос.
Бројот на активните осигуреници е категорија која секојдневно се менува, бидејќи секојдневно има нови засновувања на работни односи, исто како и прекини и работниот однос е оној врз чија основа се воспоставува приемот во пензиското и инвалидското осигурување.
На младичот, СДС заборави уште нешто да му каже, дека пола од годината, за којашто му рекле да зборува, биле на власт.
А од друга страна, СДС може да седи и да учи лекции како се носат стратегии за вработување, како се поддржува македонската економија и како креираат услови за нови и добро платени работни места“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Во соопштението се додава дека со цел зголемување на вработеноста на младите, Владата донесе Оперативен план 2025 за вработување и самовработување во вредност од 40 милиони евра, за отворање на 16.000 нови работни места.
Со цел поддршка на македонското стопанство, на македонските компании Владата им стави на располагање 250 милиони евра со поволни кредитни услови.
А со цел отворање на нови добро платени работни места, Владата посветено работи на привлекување странски директни инвестиции кои исто така се многу значајни за економскиот развој, така што минатата година беше завршена со рекордни до сега 1,25 милијарди евра.
Економијата бележи значително заздравување и заживување, така што три последователни квартали забележан е раст на БДП од три или над три проценти и тоа е резултат на економските мерки и политики кои Владата ги презема во континуитет“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.