
Сојузот на стопански комори формира четири нови групации: за енергетика, рударство и минерални суровини, за пожарна заштита и кризен менаџмент, за игри на среќа и за стартап компании.
Како што информира ССК, групациите се формирани по барање на членките, но и поради потребата на бизнис секторот.
Во Сојузот денеска се одржа првата седница на Управниот одбор во нов состав со преседателот Горан Ѓорѓиевски, на која се донесоа повеќе одлуки со кои се зајакнуваат структурите со избор на потпреседател во ССК и преседател на Управниот одбор, како и комисии кои овозможуваат подобрено функционирање на институцијата.
Формирањето на новиот Управен одбор во Сојузот на стопански комори на Македонија во кој членуваат истакнати стопанственици предложени од коморите, како и четирите нови групации е јасен сигнал за позитивните промени кои се случуваат во ССКМ насочени кон бизисот со кој заеднички ќе креираме вредности во периодот пред нас значајни за раст и развој на македонската економија, истакна Ѓорѓиевски.
На состанокот се предложија повеќе иницијативи за зајакнато меѓународно присуство на ССК, привлекување на инвестиции, подобрувања на одредени законски решенија, зајакнување на вештините кај вработените преку професионални обуки во коморите, дигитализација, презентација на членките на ССК и нивните потенцијали на регионални Б2Б состаноци, посета на бизнис форуми и саемски манифестации за престојната 2026 година.