
Грчката полиција употреби солзавец за да ги растера земјоделците кои се обидоа да го блокираат главниот пристапен пат кон аеродромот во Солун, во време кога протестите ширум земјата се заоструваат поради доцнењето на земјоделските субвенции од ЕУ.
Земјоделците распоредија илјадници трактори и возила на клучни патишта и гранични премини, најавувајќи дека ќе продолжат со блокади на патиштата, аеродромите и пристаништата. Во близина на солунскиот аеродром околу 300 земјоделци со стотина трактори затворија дел од пристапните рути, а мал дел се обиде да го пробие полицискиот кордон.
Полицијата пренасочува дел од сообраќајот, но веќе има големи метежи на премините со Бугарија, Турција и Македонија. Земјоделците предупредуваат дека доцнењето на исплатите ги доведува во долгови и ги спречува да ја почнат новата сеидба, а ситуацијата ја влоши и епидемијата на козја и овча сипаница.
Според нив, проблемот е „прашање на опстанок“. Велат дека ако производството застане, ќе има последици и по снабдувањето со храна во градовите. Ги повикуваат граѓаните да ги поддржат, а владата да обезбеди итно решение.
Исплатите се стопирани откако беше откриена голема измама со субвенции. Истрагата, предводена од EPPO, открила 324 лица кои незаконски добиле 19,6 милиони евра. Скандалот веќе предизвика оставки и затворање на државната агенција задолжена за овие плаќања.
Протестите на земјоделците не се реткост во Грција, но новите блокади закануваат повторно да го парализираат патниот сообраќај во земјата

Македонски







