
Силен земјотрес, првично измерен на 5,2 степени според Рихтеровата скала, се случи кратко пред 00:30 часот во Грција, предизвикувајќи тревога во регионите на Евија и Атика. Геодинамичкиот институт го посочи епицентарот во морето на 5 километри западно-северозападно од Стира на длабочина од 13,6 километри.
Главниот потрес беше проследен со серија помали последователни потреси, вклучувајќи два со јачина од 2,5 и 2,6 степени според Рихтеровата скала во рок од 15 минути, и уште четири со јачина од 1,6 до 2,0. Сеизмичката активност во областа започна два часа претходно со помал земјотрес со јачина од 2,6 степени, јавуваат грчките медиуми.
Локалните власти не пријавија жртви или сериозни материјални штети, иако стравот од поголем земјотрес натера многу жители на регионот да ја поминат ноќта на отворено.