Skip to main content

Се формираше здружение на Македонците со потекло од Албанија наречено „Зошто“

 Здружение на Македонците по потекло од Албанија „Зошто“, со седиште во Ресен е регистрирано денеска, а негова мисија е афирмација на македонската култура и идентитет. 

– Денеска е запишан како историски ден за Македонците со потекло од Албанија. Во Македонија официјално се регистрираше Здружението на Македонците по потекло од Албанија „ЗОШТО“, чија мисија е афирмација на македонската култура и идентитет, информираше Панди Јани, претседател на здружението.

Како што кажа, за секој Македонец со потекло од Албанија ова здружение ќе биде поддршка и ќе се грижи и ќе ги решава сите потреби и проблеми на Македонците од Албанија.

На конститутивната седница избрани се и двајца потпретседатели, Ѓорѓи Андон и Василика Стојан и Спиро Малевски за секретар.

Според Јани, Здружението го носи името „ЗОШТО“ – инспирирано од книгата на еден од најпознатите писатели во Албанија со македонско потекло, Стерјо Спасе. 

Со тоа, вели тој, се испраќа симболична порака за поврзување на минатото со сегашноста, како и за продолжување на традицијата на македонскиот културен и национален отпор.

-Ова здружение ќе биде мост помеѓу Македонците од Албанија и нивните сонародници во Македонија и дијаспората. Ние сме тука да ја зачуваме македонската култура, јазик и идентитет, но и да изградиме иднина со достоинство, нагласува  претседателот Панди Јани.

Потенцира дека новото здружение ќе биде партнер на сите организации и институции кои работат за афирмација на македонската кауза. Акцентот ќе биде ставен на младите генерации, културната размена и зачувувањето на националната меморија преку истражувања, јавни трибини и издавачка дејност.

Поврзани вести