Skip to main content

Поплави, бури и снег предизвикаа хаос во Турција, едно лице загина

Обилните дождови, грмежите и снегот во повеќе делови на Турција од синоќа предизвикаа сериозни поплави, прекини во сообраќајот и затворање патишта. Еден маж загинал во југоисточниот округ Шанлиурфа откако бил погоден од гром.

Според агенцијата Анадолија, силни ветрови и обилни врнежи предизвикале материјална штета и локални поплави во Шанлиурфа, Дијарбакир, Килис и Газиантеп. Во Газиантеп денеска е прекината наставата, а во повеќе од 40 училишта се евидентирани оштетени покриви и искршени прозорци. Во поплавите во Шанлиурфа повредени се 29 лица, а 27-годишен овчар загина од удар на гром.

Во соседниот округ Мардин се формирало торнадо што однело покриви и соларни панели, при што четири лица се повредени. Сериозни поплави се регистрирани и во западниот округ Бурса, како и во северниот округ Токат. Поради силниот ветер, во делови на Истанбул се пријавени паднати дрвја.

Истовремено, во округот Афјонкарахисар се забележани обилни снежни врнежи, поради што патиштата кон Анкара, Ушак и Сандикли се затворени за тешки товарни возила. Снег има и во повисоките делови на округот Анкара. Жолт метеоаларм за опасни временски услови е издаден за вкупно 30 окрузи.

Поврзани вести