
Земјите од регионот, заедно со Европската Унија и нејзините земји‑членки, интензивно комуницираат и работат на надминување на предизвиците со гужвите на граничните премини, кои се поизразени во периоди на зголемена фреквенција, особено во лето, истакна министертот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски.
-Ние како земји од регионот комуницираме и заедно со Европската Унија работиме околу овој сериозен предизвик. Приметив и обид темава да се претвори во естрада во соседна Србија, односно естраден пристап, бидејќи се случуваат големи гужви на граничните премини, особено на копнените – изјави Муцунски.
Муцунски потврди дека се водат дискусии со повеќе земји и во рамки на различни шеми на Европската Унија кои ги опфаќаат земјите од Западен Балкан, при што се очекува во летниот период да бидат преземени соодветни мерки за намалување на гужвите.
– Очекуваме во летниот период, кога ќе има периоди на зголемена гужва, да се преземат соодветни мерки. Во овој момент официјално никој нема добиено одговор, и затоа не можам ништо конкретно да споделам. Но можам потврдам дека имаме разговори, и на највисоко ниво и на техничко-административно ниво, и дека постои подготвеност од земји-членки на Европската Унија да покажат флексибилност кон регионот- рече тој.
Министерот оцени дека информациите кои се пласираат во јавност се политичка естрада и дека на истите треба да се гледа со голема внимателност.

Македонски



