Skip to main content

Пленковиќ: Растот на инфлацијата од 5,8 отсто во април е последица на зголемувањето на цените на енергенсите

Facebook / Andrej Plenković

Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, денеска во Загреб изјави дека растот на инфлацијата во април од 5,8 отсто во најголема мера е последица на зголемувањето на цените на енергенсите.

Да не се менуваа цените на енергенсите, стапката на инфлација би била околу три отсто – рече Пленковиќ во воведниот дел од седницата на Владата.

Пленковиќ изрази надеж дека со постепеното намалување на воените активности на Блискиот Исток и стабилизацијата на цените на светскиот пазар на нафта, ќе дојде и до намалување на цените на нафтените деривати, а со тоа и до ублажување на инфлаторните притисоци. Тој наведе дека 16 членки на Европската Унија бележат забрзување на инфлацијата.

Хрватскиот Државен завод за статистика денеска ја објави првата процена која покажува дека во април дошло до силен раст на инфлацијата, која на годишно ниво изнесува 5,8 отсто. Цените на месечно ниво пораснале за 1,5 отсто во однос на март. Најмногу пораснале цените на енергијата – за 17,5 отсто, а потоа следуваат услугите со 8,2 отсто, и храната, пијалаците и тутунот со 3,5 отсто.

Инфлацијата во март изнесуваше 4,8 отсто. Хрватските медиуми наведуваат дека Хрватска е во самиот врв на еврозоната според растот на инфлацијата.

На инфлацијата се осврна и хрватскиот министер за финансии Томислав Ќориќ, велејќи дека растот бил очекуван со оглед на состојбата на пазарот на енергенси, но додаде дека „не го радува“ континуираното зголемување на цените на услугите, особено во пресрет на туристичката сезона.

Тој повторно апелираше до сите од секторот на услуги „да размислат како ваквиот пораст на цените во еден момент ќе се одрази, пред сè, на побарувачката за услуги“.

Поврзани вести