
Рано утро во Софија. Во мало кафуле близу булеварот „Витоша“, келнерот без двоумење ја изговара цената: „Две евра и педесет“. Никој не прашува колку е тоа во левови. Само пред неколку месеци, тоа ќе беше првата реакција.
Главниот град на Бугарија, по воведувањето на еврото од 1 јануари, живее со нова валута. Во Софија, граѓаните веќе плаќаат во евра, но цените сè уште ги „преведуваат“ во левови. Меѓу новите бројки и старите навики, се создава нова економска реалност.

На прв поглед, сè е исто како пред неколку години – луѓето брзаат на работа, трамваите пиштат, кафулињата се полни. Но, едно нешто е неповратно сменето: левот исчезна од секојдневието, еврото дојде тивко, но неговите ефекти ќе се слушаат долго.
„Се навикнавме побрзо отколку што мислев“, вели Марина, вработена во маркетинг агенција, додека плаќа со картичка во кафулето. „На почетокот сè пресметував во левови, сега веќе не“, додава таа.
Цени во евра, но левот се уште на етикетите
Иако плаќањата се вршат исклучиво во евра, цените се прикажуваат и во поранешната валута – левот.
Речиси во сите продавници, кафулиња, ресторани, старите и новите цени стојат една до друга. Евра и левови, како два јазика што сè уште се преведуваат.

Жителите на Софија постепено се адаптираат на новата валута. Дел од нив се уште пресметуваат во левови, додека други веќе целосно се префрлиле на евра.
„Лебот порано беше два лева, сега е две евра. Не е исто“, коментираат пензионерите кои во градскиот парк играа шах.
Секојдневните набавки се местото каде промената најјасно се гледа. Лебот, млекото, овошјето – тие не се само производи, туку мерка за тоа колку вреди новата валута во реалниот живот. Со промената, цената на лебот е од 1,5 евро до 2 евра.

Традиционалната бугарска баница, што речиси е задолжителен појадок дури и за туристите изнесува 1,80, пресното млеко е 2,5 евра, а шишенце минерална вода од половина литар е од 18 до 25 центи.

Од овошјето, лимон во мрежичка од половина килограм чини 1,84 евра, портокалите се 1,43, крушите се продаваат по 3 евра за килограм, а јаболките се 3.30 евра.

Што се однесува до зеленчукот – краставиците чинат 3 евра за еден килограм, доматите се 4 евра, додека цената на компирите е едно евро. Литар сончогледово масло е две евра, а килограм мелено телешко месо е 9 евра.

Познатата пештерска ракија може да се најде по цена од 8,5 евра за еден литар, сончогледовата алва од 350 грама е 1,50 и едно пакетче лукчета бонбони 0,70 евра, тоа се трите најпродавани традиционални производи без кои туристите не заминуваат од Бугарија.

Речиси во секој трговски центар и во секоја прометна улица е распространет и нивниот женски бренд – Бугарска роза, која со години наназад е продавана поради нивниот квалитет и пристапни цени. овде кремите се од 9 до 12 евра, додека рачно подготвените еколошки сапуни се продаваат по две евра.

Весниците во Бугарија, кои се уште ги има во голем број и се читаат со утринско кафе, се продаваат по 1,90 евра.

Е, токму кафето во Софија е посебна приказна. Од 2,5 евра еспресо до 3,80 макијато и капучино, додека оние „фенси“ кафиња се и со таква „фенси“ цена. Во близина на црквата „Свети Александар Невски“, во центарот на градот, кафуле со убав амбиент и прекрасен поглед кон светиот храм, но запрепастувачки цени што не се вообичаени ниту за Милано, Виена, Будимпешта и други европски метрополи. Шест евра за еспресо, па затоа имаше слободни места.
Доколку сакате да пробате од традиционалната бугарска кујна, бабини ќофтиња со сос чинат девет евра, порција пилешко или телешко месо од 10 до 15 евра, чорба со потпечено лепче е седум евра, додека чаша точено пиво ќе платите три евра.

И, да се вратам повторно на цените. Тие се испишани во евра, уредно и јасно. Но, пред нив, купувачите застануваат подолго од порано – не затоа што не ги разбираат, туку затоа што сакаат да ги почувствуваат.
Цените како главна тема на разговор
Софија не ја дискутира промената на валутата преку економски термини, туку преку социјални цени. Додека институциите зборуваат за стабилност, граѓаните зборуваат за поскапо живеење и незвесност што следува.
На пазарите и малите продавници во Софија разговорите со купувачите често започнуваат од цените. Многумина велат дека храната и основните производи се поскапи од претходните години, без разлика дали тоа се гледа како инфлација или општа промена на пазарот.

На Женски пазар, еден од најстарите пазар во градот, купувачите коментираат дека веќе внимателно пресметуваат што ставаат во кошничката. Дел од продавачите, пак, велат дека и тие се под притисок од повисоки набавни цени.
Во различни делови од градот се гледаат и различни перспективи. Центарот на Софија остава впечаток на динамика и поголема доверба во економските промени, додека периферните квартови се почувствителни на промени во трошоците за живот.
Во населбата Младост, каде што живее голем дел од средната класа, разговорите често се практични: плати, кредити, сметки и реални месечни трошоци.
Овде разговорите се уште се водат во левови. „Оваа релација порано беше 10 лева, а сега, замислете, е 10 евра“, ми вели таксист, пресметувајќи на памет.

„Колку е до центар“, му велам. „Шест евра, порано беше шест лева“, додава сам, без да го прашам за релацијата од хотелот до центарот на градот, околу три километри.
„Подобро ли е сега“, го прашувам. „Буклук (ѓубре)“, ми одговори дури луто, како јас да сум виновна за ситуацијата.
Во оваа фаза дебатата за левот и еврото во Софија е помалку економска, а повеќе психолошка. Луѓето ја проценуваат иднината не само преку политики, туку преку цените што ги гледаат секој ден. Луѓето не зборуваат во проценти, туку во конкретни примери: цени на леб, млеко, сметки.

Во супермаркетите, вклучително и поголемите синџири, потрошувачите често споредуваат цени од лани или од пред неколку месеци, но јасен заклучок дека животот станува поскап.
Иако бројките се предмет на економски анализи, перцепцијата на терен е едноставна: „Се е поскапо“.
Левот замина во историјата, еврото секојдневие
Во Софија транзицијата не е само економска, таа е психолошка. Луѓето плаќаат во евра, но размислуваат во левови.
Иако повеќе не постои во џебовите, левот сè уште живее во мислите. Многумина и понатаму ги враќаат цените назад.
Идејата за воведување на еврото како валута во Бугарија се дожува двојно – за едни тоа значи стабилност, полесна трговија и поблиска интеграција со Европската Унија. За други тоа е извор на страв од нов бран поскапувања.

На улицата „Витоша“, една од најпрометните пешачки зони во Софија, мислењата се поделени. Млади луѓе често велат дека промената е логичен чекор, додека постарите се повнимателни и се плашат од непредвидливите ефекти врз цените.
Но, зад таа едноставност се крие една поголема приказна: градот што преку ноќ ја смени валутата, сега полека го менува начинот на кој размислува за парите.
Платите почнуваат да се приспособуваат, но не со исто темпо како цените во одредени сектори. Просечната плата во Софија изнесува околу 1.200 евра
Со влегувањето на Бугарија во еврозоната, еврото стана повеќе од валута – стана мерка за доверба, но и повод за нови дилеми.
Иронијата е што Софија одамна функционираше како да е во еврозоната. Недвижностите се продаваа во евра, изнајмувањето се договараше во евра, а голем дел од економијата беше „ментално“ евроизирана. Сега, таа реалност е само формализирана.
Официјалните бројки покажуваат умерен раст на инфлација од околу 3 до 4 проценти во првите месеци. Но, на терен, приказната звучи поинаку.
„Имам чувство дека сè е поскапо барем 15 – 20 проценти“, вели Гергана, додека внимателно ја разгледува сметката во ресторанот, наспроти нашата маса.

Најголеми покачувања има во услугите – ресторани, кафулиња, фризерници, мали занаети – каде цените пораснаа и до осум проценти, често поради заокружување. Кај основните производи растот е помал и постабилен.
Овој јаз меѓу статистиката и чувството не е нов. Истото се случи и во Хрватска, каде по воведувањето на еврото граѓаните чувствуваа поголемо поскапување отколку што покажуваа официјалните податоци. паг/дј
Фото: МИА

Македонски



