Skip to main content

Крис Рајт: Иран може да го погоди Дубровник

Американскиот министер за енергетика Крис Рајт во Дубровник предизвика реакции откако на самитот на Иницијативата Три мориња изјави дека Иран „веќе денес има ракети што можат да го погодат Дубровник“. Изјавата беше дадена во контекст на американската политика кон Иран и обидот на Вашингтон да добие поголема поддршка од европските сојузници.

Рајт, кој во Дубровник учествуваше како претставник на администрацијата на Доналд Трамп, зборуваше за опасноста од иранската нуклеарна програма и оцени дека Техеран е „на неколку недели“ од нивото на ураниум потребно за нуклеарна бомба. Во истата изјава, тој директно ја поврза безбедноста на Хрватска со американските напади врз Иран, тврдејќи дека Иран има ракети што можат да стигнат до Дубровник.

„Како би се чувствувале во оваа земја знаејќи дека најголемиот светски спонзор на тероризмот поседува нуклеарно оружје што може директно да го испорача врз вашиот град“, порача Рајт, додавајќи дека САД не дејствуваат само за сопствена безбедност, туку „за целиот свет“.

Но, изјавата на американскиот министер наиде на критики во Хрватска. Военополитичките аналитичари ја оценија како „непристојна и несериозна“, нагласувајќи дека заканата треба да се стави во реален воено-технички контекст, а не да се користи за ширење страв во земја домаќин на меѓународен самит.

Според експертите, не е спорно дека развојот на иранско нуклеарно оружје не треба да се поддржува, но прашањето е дали Иран во моментов навистина има оперативна способност да го погоди Дубровник. Тие посочуваат дека потврдените ирански ракети од типот Sejjil 1 и 2 имаат дострел од околу 2.000 километри, што теоретски може да покрие делови од Медитеранот, како Крит, Грција или Албанија, но не и Дубровник.

Податоците на CSIS Missile Threat наведуваат дека Sejjil има максимален дострел од околу 2.000 километри, додека Reuters во анализа за иранските балистички капацитети наведува дека Иран има најголем балистички арсенал на Блискиот Исток и самонаметнат лимит на дострел од 2.000 километри, иако дел од системите се проценуваат и до 2.500 километри.

Поврзани вести