Skip to main content

Како се одвивала драмата – српските медиуми за киднапирањето на Кајмаковски

Драмата околу киднапирањето на македонскиот пејач, Даниел Кајмаковски, во Белград, започнала рано наутро во недела, околу 00:50 часот. Кајмакоски, кој живее во Србија, штотуку завршил настап во популарниот ноќен клуб „Лафајет“ во Бетон Хала и се упатил кон своето бело возило „Волво XC 60“, кое било паркирано на свртувањето за трамвај на улицата Караѓорѓева бр. 2-4.

Како што објавуваат тамошните медиуми, во моментот кога влегол во возилото и седнал на возачкото седиште, му се приближил непознато машко лице. Со закана со нож и употреба на физичка сила, напаѓачот го принудил пејачот да ги испружи рацете, а потоа ги врзал цврсто со селотејп. Додека првиот киднапер го презел воланот, вториот соучесник брзо седнал на задното седиште зад совозачот, додека Кајмакоски бил принуден да седне зад возачот.

Додека киднаперите се обидувале да ја напуштат Караѓорѓева и да се упатат кон Бранков мост, наишле на патрола од оперативци на УКП кои извршувале редовни активности. Полицајците се обиделе да го сопрат белото „Волво“, возилото забавило за момент, а потоа возачот-киднапер одеднаш притиснал на гаста.

Следело морничаво бегство низ срцето на Белград: преку Бранковиот мост, покрај Палатата на Србија и Белградската арена, каде што „Волвото“ со заложник свртило на автопатот во правец на Шид, обидувајќи се да стигне до границата.

Внатре во возилото, додека полицијата била зад петици на киднаперите, се водела психолошка војна. Возачот му се обратил на Кајмакоски на лош англиски, додека тој ги преведувал упатствата на својот соучесник на турски.

Цело време тие држеле пиштол вперен во главата на пејачот, барајќи итна исплата од 20.000 евра во замена за неговиот живот. За да го скршат отпорот на жртвата, киднаперите упатиле најмонструозна закана: тврделе дека пред семејниот стан на пејачот веќе имало тројца нивни соработници кои биле подготвени да ги ликвидираат неговата сопруга и деца во секој момент ако парите не бидат подготвени или ако полицијата не се откаже.

Откако ја поминале наплатната рампа Шимановци, полицајците на СПИ Рума се придружиле на потера. На излезот за Рума, полицијата се обидела да блокира, поради што киднаперот, со голема брзина, ја изгубил контролата врз „Волвото“ и насилно удрил во заштитната ограда.

Искористувајќи ја темнината и грмушките во непосредна близина на патот, двајцата вооружени напаѓачи скокнале од возилото и избегале во непознат правец. Полициските службеници го пронашле преплашениот Кајмакоски со селотејп на рацете во смачканиот автомобил, но без сериозни телесни повреди.

Даниел Кајмакоски бил донесен во службените простории на УКП, каде што, по консултација со дежурниот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград, дал изјава за трауматското искуство. Пејачот, и покрај стресот што го доживеал, одбил лекарски преглед.

Обвинителството официјално го квалификувало овој настан како кривично дело Киднапирање. Наредено е итно собирање на сите траги од ДНК од возилото, како и анализа на снимките од безбедносните камери од автопатот и наплатните рампи, со цел што побрзо да се идентификуваат напаѓачите и да се изведат пред лицето на правдата.

Поврзани вести