
Премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ, синоќа објави дека денеска ќе донесе одлука за привремено укинување на безвизниот режим за турските граѓани по итна постапка.
„За да се зачува економската активност и добрите билатерални односи, во наредниот период ќе иницираме интензивни разговори со Република Турција со цел да се најде најдобриот модел во заеднички интерес во духот на добрата соработка и сојузништвото“, напиша Спајиќ на „X“.
Истовремено, полицијата спроведе рација во населено место Забјело, при што беа приведени околу педесет турски државјани, меѓу кои и двајца осомничени за вмешаност во тепачка во која Подгоричанец бил избоден со нож.
Инцидентот се случил во ноќта меѓу сабота и недела, а при приведувањето се собрале групи граѓани кои упатувале антиисламски и анкетурски повици. Полицијата спречила дел од толпата да се доближи до објектите во кои престојувале турските државјани.
Министерот за внатрешни работи, Данило Шарановиќ, ги повика граѓаните на смиреност и истакна дека во Црна Гора престојуваат околу 13.000 турски државјани, а не 100.000, како што се шпекулирало. Од нив, 80 имаат постојан престој.
Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, остро го осуди нападот и ги повика граѓаните на воздржаност:
„Не смее да има место за колективна вина ниту за стигматизација на цели народи. Полицијата и обвинителството мора решително да го сузбијат говорот на омраза и сите видови закани“, порача Милатовиќ, додавајќи дека земјата има потреба од „одговорна и праведна имиграциска политика“.
И потпретседателот на Владата и министер за надворешни работи, Ервин Ибрахимовиќ, го осуди насилството, наведувајќи дека „ваквите повици како ‘Убиј Турчина’ се срамни и недопустливи во европска Црна Гора“.
Владејачката Бошњачка партија, исто така, побара расветлување на случајот и санкционирање на сторителите „без оглед на нивната национална припадност“, осудувајќи го говорот на омраза и повикувајќи на правичност и владеење на правото.
Реисот на Исламската заедница во Црна Гора, Рифат Фејзиќ, ги поврза настаните со влошените односи меѓу Белград и Анкара, по испораката на турско оружје на Косово во октомври, што предизвика остра реакција на српскиот претседател Александар Вучиќ.
Дел од владејачката коалиција во Црна Гора, особено партиите од Демократскиот фронт, имаат блиски врски со Белград и српското раководство.

Македонски








