
Големиот пожар што од вчера е активен северно од градот Лимасол на Кипар, а во кој загинаа две лица и други две се сериозно повредени, дополнително се шири на површина од над 120 квадратни километри, додека на островот пристигнува помош од Шпанија, Јордан, Египет, Израел и Грција за справувањето со огнените јазици, јави дописничката на МИА од Атина.
Поради новите разгорувања денеска беа евакуирани уште неколку населени места, пожарот остави голема материјална штета, а кипарските медиуми коментираат дека е еден од најголемите во современата историја на земјата.
Министерот за здравство на Кипар Михалис Дамианос информираше дека две лица се хоспитализирани со сериозни изгореници и се во сериозни состојба, но вон животна опасност, 50 лица со респираторни проблеми побарале и добиле прва помош, а 16 лица во општата болница во Лимасол се пријавиле со респираторни проблеми или полесни повреди и изгореници.
Портпаролот на кипарската Влада Константинос Летибиотис, посочи дека она што се случува во земјата е „без преседан“, дека повеќекратните истовремени пожари предизвикаа штета на имототите на граѓаните и ги загрозија човечките животи, а паралелно најави владини мерки за поддршка на погодените.
Во првата фаза, според Летибиотис, планирана е итна исплата на финансиска поддршка на општинските совети за покривање на итни потреби; целосна санација на штетата на имотот на граѓаните и привремено сместување и покривање на непосредните основни потреби за погодените.
Дополнително објасни дека е побарана помош преку Европскиот механизам за цивилна заштита, како и од соседните земји.
Во моментов, 14 примарни и три секундарни авиони се во оперативна готовност, покрај нив, јорданските авиони веќе пристигнаа во нашата земја. Обезбедено е слетување на авиони за да помогнат во гаснењето на пожарот: четири авиони од Јордан, два од Египет, два од Израел и два од Шпанија, објасни Летибиотис.
Од Министерството за цивилна заштита и климатски кризи на Грција попладнево соопштија дека на Кипар испраќаат копнените сили, односно 26 припадници на единицата за Специјални шумски операции.