
Албанската опозиција утре почнува со протести пред Владата во Тирана, како што најави, се до „уривање на наркорежимот“.
Лидерот на Демократската партија, Сали Бериша истакна дека засега, протести пред Владата ќе има секој понеделник, додавајќи оти „наркорежимите можат да бидат соборени само како во Непал“.
– На протести и само на протести, немаме друг начин освен да се кренеме и да се соочиме со оваа Влада. Одржливите и масовни протести се единствениот начин што ќе ја архивираат оваа Влада. Албанците денес се повикани на историска мисија да ја соборат диктатурата, што се темели на дрога, криминали, кражба на Албанците, наведе Бериша.
Тој ја обвини Владата и за парламентарните избори што се одржаа на 11 мај, велејќи дека организирала фарса, што била потврдена и на 45-те страници од извештајот на ОБСЕ/ОДИХР.
– Ако сме убедени во реалноста, немаме друг избор освен да се спротивставиме со сета наша храброст, сите оние кои сакаат слободен глас, и да се спротивставиме на оваа Влада сè додека не им го вратиме слободниот глас на граѓаните, рече Бериша.
Протестот е под мотото „Протестирам, за семејството, за економијата, за демократијата“.

Македонски








