
Европскиот парламент со 411 гласа „за“, 120 „против“ и 120 воздржани го усвои извештајот на известувачот Томас Вајц за напредокот на Македонија на патот кон Европската Унија.
Европратениците го отфрлија амандманот 3, предложен од Вајц, со кој се бараше бришење на ставот 73 од идната резолуција. Против бришењето на текстот гласаа 338 пратеници, додека 126 го поддржаа амандманот.

Доколку предлогот беше усвоен, во конечниот извештај немаше конкретно да биде споменат Вториот протокол што произлегува од Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија.
Ставот 73 ја повикува Заедничката експертска комисија за историски и образовни прашања да постигне „јасни и опипливи резултати“, темелејќи ја својата работа на „објективни, автентични и докажани историски извори и документи“, во согласност со Вториот протокол. Во текстот е содржан и концептот на „заедничка историја“.
Извештајот на Вајц претходно, на 3 јуни, беше усвоен и од Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, АФЕТ.
На гласањето во Европскиот парламент му претходеше жестока дебата за амандманите поврзани со исполнувањето на обврските на Скопје според преговарачката рамка со Европската Унија.

Македонски



