
Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, со поддршка на Министерството за култура и туризам, го објави најновиот број на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“ 1 за 2026 година (година 72, број 1/2026). Новиот број донесува разновидна содржина – од поезија, проза, книжевна критика, филозофија… од домашни и странски автори.
Во рубриката „Поезија“ објавени се стихови од македонските авторки Оливера Андоноска и Илина Калчинске, како и избор од поезијата на турската авторка Гонџа Озмен, украинскиот поет Сергиј Жадан, српскиот поет Небојша Васовиќ, руската авторка Марина Цветаева и францускиот поет Алфред де Мисе, во препев на истакнати македонски преведувачи Звонко Димоски,Никола Маџиров Владимир Мартиновски и Елена Карпузовска.
Во рубриката „Проза“ објавени се раскази од Иван Календар (Иван Шопов) – „Ветроград“ и „Утешителот на жонглери“, како и расказот „Како на гумно се врши жито“ од хрватскиот писател Желимир Периш, во превод на Катица Гароска.
Во рубриката „Критики и есеи“ објавен е текстот на Кирил Бисероски „Последниот рационалист – неколку актуелизации на филозофијата на Јирген Хабермас“, по повод смртта на еден од највлијателните европски филозофи на современото време. Читателите ќе можат да ги прочитаат и текстовите на Лидија Капушевска-Дракулевска за книгата „Вообразби“ од Бранко Цветкоски, на Борис Симоновски за „Хронотопот на пустиот остров во „Силјан Штркот“ и „Робинзон Крусо“, како и освртот на Елизабета Дерменкоска-Цефи за монографската публикација „Еден музеј на една архитектура“, посветена на 111 години од раѓањето на македонскиот уметник Ѓорѓи Ачески – Аче.
ЦК „Марко Цепенков“ со објавувањето на „Стремеж“ потврдува дека со списанието, како едно од најзначајните македонски книжевни и културни гласила, дава простор на современото книжевно творештво од земјава и од странство.

Македонски



