
Најдобрите македонски одбојкари од денеска се повторно во базата СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, каде в недела, 20 часот ја пречекуваат Грузија во последниот натпревар од квалификациите за Европското првенство 2026. Дуелот со аутсајдерот во групата ќе одлучи дали Македонија ќе се најде на четвртото континентално натпреварување во низа.
Посакуваниот сет во натпреварот во средата со Грција „црвено-жолтите“ не го освоија, но останува уште една шанса, а тоа е максимална победа со што поголем поен количник.
– Натпреварот со Грција го оставаме зад нас. Игравме против моќна репрезентација составена од квалитетни играчи. Во поголемиот дел од напреварот тоа го докажаа на теренот, иако и ние имавме добри моменти, особено во третиот сет кога стигнавме и до две сет топки, но не ги реализиравме. Со тој сет или без него секако дека мораме да ја победиме Грузија со максимален резултат во Скопје. Освоивме голем број на поени против Грција што ни дава за право да се надеваме на успех во овие квалификации. Очекуваме полна сала и поддршка од љубителите на одбојката, со чија помош ќе дојдеме до посакуваниот резултат и ќе обезбедиме уште едно учество на Европско првенство, категорично изјави селекторот Јошко Миленкоски.
Дуелот се игра в недела од 20 часот, во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Влезот е бесплатен, а со полни трибини македонските одбојкари можат да стигнат до посакуваниот резултат.