
Со одигрувањето на денешните два натпревара од „Шпаркасе Лајф“ Првата женска лига (Крива Паланка – Вардар 94:63 и Пробаскет – МЗТ Бела Вода 95:70) следува пауза кај кошаркарките поради настапот на женската македонска репрезентација во квалификациите за Евробаскетот 2027.
Од утре навечер, па во наредните десетина денови, следува првиот циклус, а нашата женска сениорска репрезентација, која е дел од групата „Ф“, во наредниот период, односно од 12. до 18. ноември, ќе одигра три натпревари.
Со оглед на краткиот период, стручниот штаб, предводен од селекторот Александар Ашаданов, испланираа мини-подготовки за она што следува веќе од среда попладне, односно првиот натпревар од евро-квалификациите, кога во Скопје ќе ни гостува репрезентацијата на Данска.
Селекторот Ашаданов ја закажа првата прозивка за понеделник, од 19.часот, а првиот тренинг ќе биде реализиран во салата на СРЦ „Кале“, каде ќе бидеме во улога на домаќини во овој ноемвриски ФИБА „прозорец“.
За овој квалификациски циклус, Ашаданов и неговите соработници одредија вкупно 16.кошаркарки: Анџелика Митрашиновиќ (Фрибург-Швајцарија); Илина Селцова (Серко Уни Ѓер-Унгарија); Мерит Хемпе (Сарагоса-Шпанија); Александра Стојановска (Неа Јониа-Грција); Матеа Николиќ (Баскет Алкамо – Италија); Тијана Митрева (Баскет Алкамо – Италија); Милица Николиќ (Рас-Србија); Ања Начевска (Мега-Србија); Ивана Кметовска (Баскет Кам 2011); Цветанка Димова (Баскет Кам 2011); Михаела Алексовска (Крива Паланка); Мартина Маркоска (Бадел 1862); Ива Чолакоска (Бадел 1862); Марија Николов (Бадел 1862); Елена Тасевска (Вардар) и Јана Пислевска (Вардар).
Дуелот со Данска е закажан за 12. ноември, со почеток од 17.часот,а на 15.ноември македонските кошаркарки ќе играат домашен натпревар против Грција, додека на 18.ноември и гостуваат на Хрватска во Славонски Брод.
Согласно со планираните активности, сениорките ќе имаат уште два тренинзи во вторник и еден утрински на денот на натпреварот со Данска.

Македонски







