
Во официјалниот судиски извештај од денешниот натпревар од 20. коло во ПМФЛ меѓу Шкендија и Пелистер (2-1) е регистриран сериозен безбедносен инцидент во кој четвртиот судија бил удрен со предмет фрлен од трибините, а судискиот тим бил вербално нападнат од лице кое неовластено влегло на теренот.
Фудбалската федерација на Македонија вечерва изнесе детали околу инцидентот, наведувајќи дека „во 57. минута од натпреварот, при прекин на играта поради вршење измена на играчи, од трибините биле фрлани предмети кон техничкиот простор, при што четвртиот судија бил погоден со паричка и запалка во пределот на раката“.
Воедно, во извештајот се наведува дека „кон официјалните лица се фрлани опасни предмет, вклучувајќи и скалпел“, што претставува „сериозна закана по безбедноста на службените лица и учесниците во натпреварот“.
По завршувањето на натпреварот, лице кое не било дел од официјалниот протокол, влегло на теренот и упатувало закани кон главниот судија и асистентот и во тие моменти, како што се наведува во извештајот, дел од публиката започнала повторно да фрла предмети кон теренот“.
„Фудбалската федерација на Македонија ќе постапува согласно важечките прописи и нема да има отстапување во однос тоа“, се наведува во соопштението
MIA

Македонски

