Skip to main content

Скопје беше домаќин на настан што долго ќе се памети: Концертот на Ник Кејв беше уживање и за уметникот и за публиката и остави трајна емоционална трага кај сите кои имаа среќа да бидат таму

Тричасовниот скопски концерт беше дел од неговата соло турнеја, без бендот „Бед сидс“, а го придружуваше само басистот на „Рејдиохед“, Колин Гринвуд. Вчеравечер тој првпат настапи пред македонската публика. Беше и енергичен и меланхоличен и воодушеви со својата изведба. Скопје ова лето беше домаќин на настан што долго ќе се памети! Легендарниот музичар, поет, писател и композитор Ник Кејв на публиката и пружи ретка можност да го доживее во неговата најинтимна и најсуштинска форма. Концертот на ова дуо остави трајна емоционална трага кај сите кои имаа среќа да бидат таму.

Дел од почетокот на концертот се поклопи со натпреварот Вардар-Брера кој се играше на Градскиот стадион и се слуша бучното навивање. Во својот препознатлив стил, Кејв не дозволи на концертот да му попречи бучавата од навивачите од блискиот градски стадион.

Ајде ние да направиме поголема бука овде и да ги надвикаме оние на фудбалскиот натпревар, рече Кејв.

Имаше одлична интеракција со публиката и во неколку наврати раскажа како настанале некои од неговите песни. Но, интересно е тоа што токму на концертот во Скопје, Кејв отпеа повеќе песни отколку на останатите концерти од оваа турнеја што може да се види од листата на песни кои биле изведени во другите градови.

Јас и Колин одлучивме да продолжиме со турнејата и да посетиме места во кои досега не сме настапувале. Во кои никогаш не сме биле. Да ги видиме нивните градби, да ја вкусиме нивната храна, а навечер да правиме концерти, рече Кејв кој неколку пати во текот на настапот не го криеше воодушевувањето од публиката и извикуваше : Ве сакам!.

Ник Кејв, роден во Австралија во 1957 година, веќе пет децении ја освојува светската сцена со својата уникатна комбинација на мрачна поетика, длабока емоција и интензивен сценски настап. Со своето богато творештво и неповторлив музички израз, тој е уметник кој ја преминува границата меѓу музиката и литературата.

Поврзани вести