
Излезе новото ЕР на македонскиот инди-рок бенд Милко – Последен ден ЕР. Под каталошки број 119, ве известуваме дека ова е првото издание од соработката на инди ветераните и Шарла Рекордс. Милко постојат од 2008 година и веќе имаат пет албумски и ЕР изданија позади себе. Последен ден ЕР е всушност колекција од 4 синглa кои овој бенд ги реализира во последните година и пол за Шарла, и со кои го означи своето враќање на сцена по извесно време пауза. Значајно освежен звук во извонредно напишани песни збогатени со присуство на две музички имиња – Хана Корнети и Јоана Ристовска, се главните карактеристики на ова издание. Полетно и искрено, со силен авторски печат во можеби едно од нивните најзрели остварувања со кое Милко го потврдуваат својот статус на македонската независна музичка сцена.
Целиот материјал е авторски потпишан од Сашо Митревски, снимен е во студиото Алшар под продуцентската палка на Ивица Јанкуловски. Омотот на изданието е на Давид Ангелевски.
Милко – Последен ден ЕР е достапно за преслушување и слободно преземање на следниот линк: https://sharla.bandcamp.com/album/posleden-den-ep

Македонски



