Skip to main content

Светска премиера на „Ритам на животот“ на Америса Баста на Меѓународниот филмски фестивал во Солун

Филмот „Ритам на животот“ во режија на Америса Баста ќе ја има својата светска премиера утре, на 5 ноември 2025 година, во рамки на 66. Меѓународен филмски фестивал во Солун, соопштија од „Круг филм“

Ова е дебитантски долгометражен филм на режисерката Баста, кој ќе се натпреварува во официјалната конкуренција на програмата „Запознајте ги соседите“. Станува збор за мултинационална копродукција на шест земји, што низ поетичен визуелен пристап зборува за предизвиците со кои се соочува една млада жена во современото општество. Филмот е рефлексија на повеќекратните улоги што една жена е повикана да ги извршува, додека настојува да остане верна на сопствените соништа.

„Круг филм“ од Скопје е македонскиот копродуцент на проектот, продолжувајќи ја својата посветеност на учество во значајни европски и меѓународни филмски продукции.

Премиерата на „Ритам на животот“ ќе се одржи во присуство на авторската екипа и продуцентите, како дел од официјалната програма на фестивалот, кој годинава повторно се вбројува меѓу најрелевантните филмски настани во регионот и пошироко.

Во истата програма на Филмскиот фестивал во Солун ќе се натпреварува и уште една македонска копродукција – „Фантази“, која својата светска премиера ја имаше ова лето во Локарно, Швајцарија.

Поврзани вести