Skip to main content

Специјална проекција на исклучителниот шпански трилер „Пиги“ во Кинотека

Во понеделник, на 15 декември, во 20 часот во Кинотека ќе се одржи специјална проекција на вознемирувачкиот и исклучителен шпански трилер „Пиги“. Филм што ѝ го отвори патот на режисерката Карлота Переда кон меѓународната сцена и ја утврди како едно од најзначајните имиња во современиот хорор.

Настанот се реализира како соработка на Кинотеката на Македонија и Амбасадата на Шпанија во нашата земја.

Во задушливото лето на рурална Екстремадура, тинејџерката Сара – маестрално интерпретирана од Лаура Галан – секојдневно се соочува со сурово врсничко насилство. Нарекувана „свинче“ и запоставена дури и во сопствениот дом, таа живее во изолација. Но, еден случаен и сериозно вознемирувачки настан кај локалниот базен ја втурнува во мрачен круг на одмазда, претворајќи ја потиснатата болка во шокантно, но и катарзично ослободување.

„Пиги“ е маестрален спој на психолошки трилер и хорор, создаден врз основа на наградуваниот краток филм на Переда од 2018 година. Филмот храбро ги отвора темите на телесната стигма, малтретирањето и траумата, градeјќи атмосфера натопена со напнатост, која кулминира во незаборавно кинематографско финалe.

Влезот е бесплатен, а се препорачува над 16 години.

Поврзани вести