Skip to main content

На платото пред Музеј на Македонија беа прикажани филмовите „Антигона“ на Ибер Деари и Мирсад Абази, „Печурки од минатото“ на Ханис Багашов и „Земја и крилја“ на Стефан Малешевиќ

Првиот блок премиери на документарни филмови продуцирани во Македонија или реализирани во копродукција со регионални партнери се одржа на 22 август. На платото пред Музеј на Македонија беа прикажани филмовите „Антигона“ на Ибер Деари и Мирсад Абази, „Печурки од минатото“ на Ханис Багашов и „Земја и крилја“ на Стефан Малешевиќ, реализиран во копродукција помеѓу Србија и Македонија.

Краткиот документарен филм „Антигона“ на Ибер Деари и Мирсад Абази ја пренесува приказната на една жена која започнува тивка револуција. Наследувајќи ја работата на својот татко камионџија, таа отвора нови можности за жените околу себе. Бидувајќи единствена врска помеѓу селата и светот надвор, таа растовара тешка стока, поздравува познати лица и се движи во свет обликуван од мажи и нивните очекувања. Со тивка решителност, Антигона ja прифаќа својата улога на спасителка – ги поддржува луѓето околу себе и нежно го менува начинот на кој околината ги перципира жените, но и нивната себеперцепција. Главната протагонистка во филмот заедно со режисерот се претставија пред публиката на „МакеДокс“.

Филмот „Печурки од минатото“ на Ханис Багашов носи приказна за бран сеќавања кои предизвикуваат хипнотичка медитација за тагата и времето. На фестивалот беа присутни авторот Ханис Багашов и композиторката на музиката Арта Абази.

Долгометражниот документарен филм „Земја и крилја“ на Стефан Малешевиќ е снимен во коавторство на сценариото со Виктор Трајановски. Мнозинството следбеници на дервишкиот ред Бекташи во Канатларци, калливо и тутунарско село во Македонија, ја гледаат Ајтен како мајчинска фигура, која се труди да им даде поддршка исто како што им дава и на своите две деца и четири внучиња. Нејзиниот сопруг Ердоган е дервишки свештеник од највисок ранг во нивниот локален храм. Оваа вредна двојка покажува како еднаквоста цвета таму каде што најмалку се очекува – во рурална заедница на муслимани посветени на религијата, семејството и традицијата во еден од најсиромашните делови на Балканот. Продуценти на филмот се Јелена Ангеловски и Ивана Шекуткоска.

Во рамки на програмата за деца и млади на 23 август во МКЦ премиерно беше прикажан филмот „Мојот летен распуст“ на режисерката Петра Селишкар. Додека повеќето деца заминуваат на летување, осумгодишниот Басри е нестрплив да го помине распустот со браќата на македонските планини. Далеку од светот на возрасните, ќе навлезе во вештината на сточарењето и ќе ужива во недопрената природа, чувството на слобода и макотрпните животни обврски. За него тоа е живот од соништата, а неговите браќа веќе почнуваат да сонуваат за инаква иднина.

Македонската премиера на новиот долгометражен документарен филм „Планината не оди никаде“ на словенечката авторка, режисерка и продуцентка Петра Селишкар ќе се одржи на 25 август, во 21 часот, во рамки на програмата на 16. „МакеДокс“ во Куршумли ан.

Високо во македонските планини, среде стадо од 500 овци чувани од огромни кучиња, има бачило. Од ова несигурно прибежиште одекнува детска смеа. Под лимениот покрив живеат браќа овчари кои макотрпно работат за да го одржат семејството. Кога не работат, си играат и разговараат за значењето на животот. И додека за некого животот е токму таму, други се прашуваат дали иднината ги чека на некое друго место. На премиерата ќе присуствуваат неколкумина од браќата – протагонисти во филмот и филмската екипа што работеше на документарецот.

На 26 август во Сули-ан ќе биде поставена изложба на фотографии од уметникот со светско реноме Киро Урдин создадени во Долината Омо во Африка, а ќе биде прикажан и неговиот документарен филм „Вода и оган“. На 27 август, исто така, во Сули ан, премиерно ќе бидат прикажани документарните филмови „Крајолици на човештината“ на Јана Хунтерова, кој е снимен во соработка во „Арт-поинт Гумно“, и „Кодот на Преспа“ на Никола Поповски.

Целосната програма може да се пронајде на официјалната веб-страница на „МакеДокс“ (www.makedox.mk), а може да се симне и фестивалската апликација.

Поврзани вести