
Германскиот актер Удо Кир со холивудска кариера и икона на алтернативниот филм , почина на 81-годишна возраст во болница во Калифорнија. Веста ја потврди неговиот партнер Делберт Мекбрајд, кој не ја откри причината за смртта.
Кир зад себе остави исклучително богата кариера со повеќе од 270 улоги во европски и американски филмови. Често беше ангажиран за мрачни или бизарни ликови – од вампири и чудовишта до нацисти – што со тек на време го претвори во актер со вистински култен статус. Настапуваше и во телевизиски продукции, музички видеа и видеоигри.
Роден во 1944 година како Удо Кирспе, актерството го започнал во 1970-тите по преселбата во Лондон. Неговата кариера добила силен замав по случајната средба во авион со режисерот Пол Мориси, долгогодишен соработник на Енди Ворхол. Оваа средба му ги донесе улогите во филмовите „Flesh for Frankenstein“ и „Blood for Dracula“, кои го промовираа како актер со специфичен стил и силна екранска појава.
Потоа следувале соработки со некои од најзначајните имиња на европската авторска кинематографија, меѓу кои Рајнер Вернер Фасбиндер, Ларс фон Трир и Гас ван Сант. Кир во повеќе наврати истакнувал дека токму Ван Сант му помогнал да добие американска работна дозвола.
Американската публика подлабоко го запозна преку филмот „Мојот приватен Ајдахо“ (1991), каде играше покрај Кијану Ривс и Ривер Феникс. Со Ларс фон Трир сними шест филмови, меѓу кои „Догвил“ и „Меланхолија“.
Од 1990-тите години наваму, иако во помали улоги, Кир се појавуваше и во големи холивудски хитови како „Ејс Вентура“, „Блејд“ и „Армагедон“, а исто така се појави и во спотовите за хитовите на Мадона „Erotica“ и „Deeper and Deeper“.

Македонски








