Skip to main content

Јовановиќ: Филмската дејност е на удар, државата сериозно мора да вложи време, ресурси и финансии

МИА

„Киненова“ е фестивал што е сериозно потценет и не ја добива соодветната финансиска поддршка. Филмската дејност кај нас е најмногу на удар, речиси и да немаме синдикални права, немаме стабилност во финансирањето, се работи на проекти кои не може да ја запазат предвидената динамика на продуцентите, заради состојбите во институциите. Ова е горливо прашање и државата сериозно мора да вложи време, ресурси и финансии, вели во интервју за МИА, директорот на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“, Небојша Јовановиќ.

Иако станува збор за голем меѓународен филмски фестивал, кој оваа година ќе го доживее свое десетто јубилејно издание, за кое Јовановиќ ни сподели неколку новини, сепак постојат предизвици во поглед на финансискиот дел.

Во однос на тоа со колкав буџет ќе располага фестивалот оваа година, Јовановиќ вели дека тоа уште не се знае, затоа што резултатите за поддршката за оваа година од конкурсот на Агенцијата за филм не се објавени.

-Резултатите за поддршката на најновото издание за оваа година од конкурсот на Агенцијата за филм се уште не се објавени, така што ние не ја знаеме точната поддршка. Инаку, ова е многу важно прашање и можам да кажам најдиректно дека апсолутно не сме задоволни од поддршката. Тврдам дека фестивалот е сериозно потценет, изминатите години особено. Фестивалот не ја добива соодветната поддршка. „Киненова“ се разви и успеа да опстане заради поддршката од меѓународните фондови, од големите филмски автори и странските продукции кои навистина го препознаа фестивалот, но е недозволиво да не биде доволно поддржан од нашите институции, истакна Јовановиќ за МИА.