Skip to main content

Филмската класика „Смрт во Венеција“ на Лукино Висконти, адаптација на истоимениот роман на Томас Ман, денеска во Кинотека

Филмската класика „Смрт во Венеција“ на Лукино Висконти, адаптација на истоимениот роман на Томас Ман, е можеби највеличествениот пример за визуелизација на естетскиот идеал и неговото проклетство. Музиката на Малер, архитектурата на Венеција и бавната деструкција на духот и телото на Густав фон Ашенбах – тука стануваат метафора на една Европа на раб на историска, морална и духовна пропаст. Висконти маестрално го преведува текстот на Ман во јазик на тишина, симболика и слика, нудејќи филм што не старее – напротив, станува сè поактуелен.

4 ЈУНИ (СРЕДА) 20:00 ч.

СМРТТА ВО ВЕНЕЦИЈА“

(Morte a Venezia)

Игран филм, Италија, Франција

1971, 130 мин. Колор, ДЦП

Режија и Сценарио: Лукино Висконти (Luchino Visconti)

Улоги: Дирк Богард, Бјорн Андресен, Мариса Беренсон (Dirk Bogarde, Bjorn Andresen, Marisa Berenson)

Во овој антологиски филм, Лукино Висконти создава длабоко меланхолична и естетски префинета екранизација на истоимениот роман од Томас Ман. Наместо писател како во оригиналот, главниот лик во филмот е претставен како остарен германски композитор — Густав фон Ашенбах (маестрално одигран од Дирк Богард) — кој доаѓа во Венеција во потрага по мир и внатрешна рамнотежа. Таму, сместен во елегантниот, но сенишен хотел на Лидо, тој станува опседнат од младото полско момче Тадио, чие присуство за него станува симбол на идеалната, аполонска убавина.

Како што се шири епидемија низ Венеција, која властите ја прикриваат, Ашенбах сè подлабоко тоне во состојба на внатрешна распаднатост. Опсесијата со убавината на Тадио не е еротска колку што е естетска, платонска и трагична — одраз на желбата за апсолутно совршенство што го разјадува телото и духот.

Музиката од Густав Малер, особено Adagietto од Петтата симфонија, го засилува чувството на неминовна загуба и тивка пропаст. Висконти мајсторски го поврзува личното распаѓање со поширокиот културен и цивилизациски пад на Европа пред Првата светска војна.

„Смртта во Венеција“ е бавен, но длабоко вознемирувачки филм — тивок лебедов отпев за уметноста, младоста, смртта и невозможната убавина што нè привлекува и уништува во исто време.

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 150 денари

Поврзани вести